Свет

19 јули, 2018

Роби Вилијамс и сопругата ќе судат во британскиот „Х фактор“

Една од најпопуларните музички емисии во светот, британскиот „Х фактор“ во последниве петнаесет години успеа да лансира голем број музички ѕвезди, а покрај основачот и предводник на четиричленото жири – озлогласениот Сајмон Кауел – во изборот на потенцијалните кандидати збор имаа и етаблирани музички уметници и менаџери, како што се Шерон Озборн, Луи Волш, Никол Шерцингер, Гери Барлоу, Шерил Кол и многу други.

Во пресрет на јубилејната, 15. сезона на популарниот натпревар, деновиве беа објавени имињата на судиите и ментори што ќе одлучуваат за судбината на годинашните натпреварувачи, така што на Сајмон Кауел ќе му се придружи еден од членовите на неговата најуспешна група „Уан дајрекшн“ – Луис Томлинсон, суперѕвездата Роби Вилијамс и неговата сопруга, турско-американската актерка Ајда Вилијамс. Новитет годинава е тоа што за првпат во финалните вечери во живо ќе има пет судии, па во оваа фаза ќе им се придружи и Шерон Озборн, која е дел од шоуто од самиот почеток во 2004 година.

Фотографија на The X Factor.Роби Вилијамс со сопругата на промоцијата за новата сезона на „Х фактор“

Некогашниот член на „Тејк дет“ веќе бил дел од натпреварот како помошник-судија во фазата „Домовите на судиите“, така што сигурно добро ќе се снајде и со оваа нова улога.

Освен од Велика Британија, на британскиот „Х фактор“ низ годините се пријавувале кандидати од целиот свет, обидувајќи се токму преку оваа сцена да се претстават пред светската публика, а од нашиот регион најголем успех досега постигна црногорскиот актер и пејач Славко Калезиќ, кој минатата година за малку не успеа да стигне до финалните вечери во живо. Се надеваме дека оваа година конечно ќе видиме и некој кандидат од Македонија.

Џејмс Артур, „Уан дајрекшн“, „Литл микс“, Леона Луис, Оли Мрс се дел од најуспешните приказни што произлегоа од ова шоу, а дали и кој ќе го повтори нивниот успех ќе дознаеме наесен.

Фотографии: The X Factor UK (Facebook) 



Врати се горе ↑