5 декември, 2013

Роби Вилијамс го претстави „Dream А Little Dream“

Британскиот музичар Роби Вилијамс неодамна го објави неговиот десетти студиски албум насловен „Swing Both Ways“, а како прв сингл беше претставена темата „Go Gentle“. Како што е познато, на ова издание кое е своевидно продолжение на албумот „Swing When You’re Winning“ од 2001 година, се најдоа преработки на класични теми, но и шест сосема нови песни, а меѓу колегите кои гостуваат се Кели Кларксон, Лили Ален, Мајкл Бубле и Оли Мрс. Една од новите песни беше и горенаведениот прв сингл, а за втор официјален сингл е избрана добро познатата балада „Dream A Little Dream“.

Станува збор за дует со уште една британска музичка ѕвезда, Лили Ален, која неодамна го објави и својот повратнички сингл „Hard Out Here“, кој предизвика контроверзии во врска со расизмот и танчерките кои се појавуваат во видео записот. Овој дует на двајцата музичари деновиве доби и свое видео издание во кое се појавува Роби облечен во црн костим, во разни божиќни и снежни сценарија од кои највпечатлив е делот во кој пејачот е опкружен со млади убавици.

За жал, Лили Ален не се појавува во оваа видео адаптација на обработката на божиќната песна „Dream a Little Dream of Me“, која уште во далечната 1931 година ја снимија Ози Нелсон и Вејн Кинг. За повеќе од 80 години, оваа тема доживеа 60 различни преработки, а најпозната е верзијата која во 1968 година ја направи Мама Кас Елиот.

 



Врати се горе ↑