Свет

6 октомври, 2016

Роби Вилијамс е третиот добитник на наградата „БРИТ икона“

После легендарните Елтон Џон и Дејвид Боуви, третиот добитник на британската музичка награда „БРИТ икона“ е Роби Вилијамс. Како вовед во доделувањето на британските музички награди за 2016, кое ќе се одржи на почетокот на следната година, најнаградуваниот музичар на оваа манифестација ќе си ја земе својата 18. статуетка во ноември, кога по овој повод ќе одржи ексклузивен концерт во Лондон.

Настанот е закажан за 7 ноември, само три дена откако ќе биде објавен неговиот нов албум „Heavy Entertainment Show“, а посетителите ќе уживаат со неговите најголеми хитови, како и со песните од претстојниот албум, кој неодамна го најави со синглот „Party Like a Russian“.

„Огромна чест ми е што ќе ја добијам оваа награда. БРИТ наградите ми се особено драги, а уште повеќе бидејќи оваа ќе ми биде 18. во мојата кариера“, изјави пејачот, чии претходни 17 награди ги освои во повеќе категории, меѓу кои „Најдобар британски изведувач“ и „Најдобра група“ (со „Тејк дет“), како и наградата за „Особен придонес за музиката“.

Првиот добитник на оваа награда беше Елтон Џон (2014 г.), а во февруари годинава, постхумно му беше доделена на Дејвид Боуви.

 

 



Врати се горе ↑