Аудио

6 октомври, 2018

Роберт Билбилов нè носи на „Чудни места“

По пауза од цели девет години, Роберт Билбилов повторно се врати на макфестовската сцена, каде што како изведувач се натпреварува на 33. издание на популарниот фестивал што се одржува деновиве во Штип. Хитмејкерот таму се претстави со темата насловена „Чудни места“, за која самиот си ги направи музиката и аранжманот, додека стиховите се на Робин Зимбаков. „Чудните места“ ги освоија симпатиите и на жиријата и на публиката, па Роберт ќе го видиме и во вечерашното финале, во чии рамки се натпреваруваат и други изведувачи со негови дела.

Само за потсетување, првото учество на „Макфест“ Роберт го забележа во 2001 година, кога на гитара ја придружуваше колешката Кристина Арнаудова за темата „Прашина“, компонирана токму од него и прогласена за најслушана песна меѓу два фестивала. Токму на макфестовската сцена првпат ги слушнавме и неговите хитови „Тајните ангели“ (со Врчак во 2004), „Избриши ги ти солзите“ (2006), „Јас те губам“ (2008) и „Лице од насловна“ (2009), а бројни се и хитовите што ги напиша за свои колеги, како што е можеби најголемиот макфестовски евергрин од последниве неколку години – „Тажна љубов, среќна песна“ во изведба на Тамара Тодевска.

„Чудни места“ доаѓа и по пауза од 3 години откако ја слушнавме последната негова песна „Остани со мене“, па се надеваме дека нема уште толку да чекаме и на следната. За доживувањето да биде уште повпечатливо, песната е дополнета со вселенско текстуално видео што го изработи „Скај ај ентертејнмент“, па со сето тоа можете да уживате во продолжение.



Врати се горе ↑