Видео

20 октомври, 2017

Рита Ора со нов сингл и видео за „Anywhere“

Чекор напред, два назад. Вака може да се опише кариерата на британската ѕвезда Рита Ора, која иако зад себе има повеќе хит-синглови и деби албумот „Ora“ (2012), постојано се соочува со нови предизвици и одолговлекувања за своето второ студиско издание што го подготвува веќе пет години.

Имено, 26-годишната пејачка родум од Приштина, лани се спогоди со поранешната издавачка куќа „Рок нејшн“, а потоа влезе во семејството на „Атлантик рекордс“, најавувајќи нов албум до крајот на годината. Оттогаш помина повеќе од една година, во меѓувреме Ора го имаше само хитот „Your Song“, а според британските медиуми, албумот ќе стигне во 2018.

ро

Потврда дека долгоочекуваното издание е веќе на пат е и штотуку објавениот сингл „Anywhere“. „Бев во рутина, работејќи секој ден, и одеднаш се фатив себеси како сонувам за бегство од градот, да заминам некаде со моите пријатели и повеќе да не погледнам назад“, ја објаснила таа инспирацијата за новата песна, која стигна во пакет со соодветно видео што се снимаше на повеќе локации во Њујорк, а го режираше Деклан Вајтблум.

Новиот сингл ќе биде премиерно изведен во живо на престојното доделување на европските музички награди на Ем-ти-ви, кое ќе се одржи на 12 ноември во Лондон, а освен што ќе има свој настап, Рита Ора ќе ја видиме и во улога на водителка на манифестацијата.



Врати се горе ↑