Свет ro

23 март, 2015

Рита Ора најави нов сингл пред летото

Рита Ора изјави, поточно се заколна, дека нејзиниот нов сингл ќе пристигне наскоро: „Одлучив која песна ќе биде мојот прв сингл, но нема да ви го откријам датумот на објавување, само дека тоа ќе биде годинава“, рекла пејачката за „Капитал еф-ем“, додавајќи: „Се колнам. Само имајте трпение, ве молам.

Потоа дополнила: „Станува збор за песна со средно темпо, но моќна. И дефинитивно ќе излезе пред летото.“ Меѓутоа, не открила дали станува збор за песната која ја продуцирал Дипло, „Testosterone“, за која своевремено изјавила дека ќе се слушне на радио брановите во текот на февруари.

Ѕвездата со потекло од Косово, која снима за етикетата „Рок нејшн“, своето првенче „Ora“ го објави во 2012 година, a минатата година го претстави хитот „I Will Never Let You Down“, инспириран од Витни Хјустон. Таа веќе подолго време работи на нов материјал, а меѓу соработниците на следното издание беа најавени имиња како што се Вил Ај Ем, Келвин Харис, Дипло, Џеј Зи и Принс.

Во моментов сè уште е актуелна со соработката со колешката Чарли Екс-си-екс за хитот „Doing It“, како и со улогата на ментор во британската верзија на музичкиот натпревар „Гласот“ (The Voice) на Би-би-си. Минатиот месец настапи и на 87. доделување на Оскарите, каде што ја изведе песната „Grateful“, која беше номинирана во категоријата „Најдобра оригинална песна“.

 

 

 

 



Врати се горе ↑