Македонија

23 август, 2017

Ристе Ристески седнува на жешкото столче во „Ѕвездите на Гранд“

Победникот во последната сезона на „Ѕвездите на Гранд“, маестралниот Ристе Ристески на аудицијата во Скопје закажана за сабота (2 септември) ќе седне во претседателското столче и ќе одлучува кои македонски таленти заслужуваат да влезат во новата спектакуларна сезона на шоуто.

Талентираните Македонци согласно возраста ќе можат да се пријават за учество во едно од трите шоуа на најголемата српска продукција „Гранд“ во просториите на телевизија „Канал 5“. Малечките ѕвездички ќе настапат во „Некои нови деца“ (Неки нови клинци), возрасните во „Ѕвездите на Гранд“ (Ѕвезде Гранда) и оние кои ја имаат последната шанса да станат балканска ѕвезда во „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно).

Натпреварувачите кои барем еднаш се појавиле на гламурозната сцена на „Гранд“, нема да има потреба да дојдат на аудиција, само ќе треба да се јават на телефонскиот број 072 208 206 и да покажат интерес за учество во шоуто. Нивните снимки од претходните учества ќе ги разгледуваат Ристе Ристески и Саша Поповиќ, па потоа ќе донесат заедничка одлука и ќе ги повикаат во Белград.

„Во моментов течат последните подготовки за аудицијата. Добив покана да ги избирам нашите талентирани музичари кои ќе имаат можност да се претстават пред регионална публика и да станат вистински ѕвезди на ’Гранд’. Постојано сме во комуникација со ’Канал 5’ и очекуваме оваа година да го надминеме рекордот на пријавени кандидати. Дојдете, отпејте најдобро што можете и остварете си го сонот. Јас и мојот тим сме тука да им помогнеме на сите кои ќе побараат наша поддршка“, изјави Ристески за „Репортер“.

Извор и фотографија: reporter.mk



Врати се горе ↑