5 јануари, 2018

Ристе Ристески го претстави своето прво видео

Победникот на најгледаното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, Ристе Ристески претстави магична видео приказна за својата прва студиска песна насловена „Добро јутро тајно“. Kако автор на музика и текстот се потпишува хит-мејкерот Бане Опачиќ, додека аранжманот е на Маријо Пајиќ. Песната е комплетен подарок од продукцијата „Гранд“, додека спотот е снимен по идеја на Ристе.

Пантомимичарот Мето Јанакиевски и манекенката Андреа Златков се ликовите кои се појавуваат во видео приказната снимена во режија на Даниел Јовески.

Од почетокот на 2018 година, дигиталната дистрибуција и заштита на авторските права на Ристески и продукцијата „Гранд“ ги презема компанијата „Ај-ди-џеј дигитал“ (IDJ DIGITAL) која е дел од глобалната групација „Јунајтед груп“ (United Group).

„Чест и задоволство ми е да ви ја честитам Новата година и празниците со веќе долгоочекуваниот спот за мојата прва песна. Ова е првиот производ и се надевам дека ќе биде добро прифатен од целокупната јавност. Продукцијата ’Гранд’ ги исполни сите ветувања, а веќе работиме и на нови проекти кои нестрпливо чекам да ги објавам“, вели Ристе Ристески.

Како победник на минатогодишната сезона на „Ѕвездите на Гранд“, Ристе потпиша ексклузивен договор за работа во времетраење од 9 години со продукцијата „Гранд“, а доби и автомобил марка Шкода и две песни од автори по негов личен избор.



Врати се горе ↑