31 март, 2015

Ријана го претстави новиот сингл

„Bitch Better Have My Money“ е вториот сингл со кој Ријана го најавува нејзиното долгоочекувано, осмо по ред, студиско издание. Песната ја продуцирале Канје Вест и Депјути, како и Тревис Скот и Вонда Грл, а познатата пејачка премиерно ја изведе на неодамнешното доделување на наградите на радиото „Ај харт“. Како изгледаше сето тоа можете да погледнете горе.

За новиот материјал, кој беше најавен со соработката со Канје и Пол Макартни, убавицата од Барбадос изјавила дека ќе има песни за паметење: „Напишав навистина добри и големи песни, кои експлодираа од самиот почеток. Сакам да се вратам на нештата кои се вистински, полни со душа и емоции кои се вечни“, рекла таа, додавајќи дека „сака песни кои ќе може да ги пее во следните 15 години, албум кој ќе го чувствува и за 15 години, а не некој што ќе изгори“. „Кога денес излегувам на сцена, нема баш многу песни кои сакам да ги изведувам. Сакам да направам песни кои ќе бидат вечни“.

За албумот со работен наслов „R8“ сè уште не се познати многу детали, но пејачката потврди една од бројните шпекулации – дека ќе сними дует со младата британска ѕвезда Сем Смит: „Тој е толку талентиран, ќе биде прекрасно да се соработува со него“, открила пејачката за британскиот таблоид „Сан“, додавајќи: „Кога двајца уметници сакаат да соработуваат, без оглед на тоа колку се зафатени, тие ќе се потрудат да ја остварат таа соработка. Тој има толку убав глас, пишува прекрасни песни и, што е најважно, тој е апсолутно прекрасна личност, што може да се види и преку неговата музика.“

 



Врати се горе ↑