Свет

11 август, 2016

Ријана е добитничка на наградата „Мајкл Џексон видео вангард“

Ем-ти-ви на претстојните музички награди за најдобри видео записи, кои ќе се одржат на 28 август во Њујорк, на Ријана ќе и ја додели најважната статуетка – наградата „Мајкл Џексон видео вангард“ (Michael Jackson Video Vanguard). Двократната добитничка на наградата „Видео запис на годината“ и најмладата соло уметница со 14 синглови на број еден на Билбордовата листа, Ријана има едни од највпечатливите видео записи на денешницата – од „Umbrella“ до „We Found Love“ и „Diamonds“, како и нејзината најнова соработка со Дрејк на песната „Work“.

Со добивањето на оваа статуетка, пејачката им се придружува на престижната листа на добитници на „Мајкл Џексон видео вангард“, меѓу кои и самиот Мајкл Џексон, по кого и го добила името, потоа Мадона, Питер Габриел, „Ганс ен роузис“, „Бисти бојс“, Бритни Спирс, Џастин Тимберлејк, Бијонсе и Канје Вест.

1470934044RIHANNA_INSTAGRAM_Rnd0623Фотографија:  MTV Promo/VMA/Video Vanguard

Тешко е да се поверува дека Ријана има само 28 години, а поминаа цели 10 години од нејзината кариера во чии рамки продала повеќе од 61 милион албуми и 215 милиони песни ширум светот. Таа е и најпродаваниот дигитален уметник на сите времиња (Best Selling Digital Artist of All Time) со повеќе од 100 милиони златни и платинести сертификати за песни, како и осмократна добитничка на Греми и 14 Билборд музички награди.

Сепак, најважно е нејзиното културолошко влијание како глобална икона и покрај нејзината младост. Со преку 81 милион обожаватели на Фејсбук, 64 милиони следбеници на Твитер и 42 милиони следбеници на Инстаграм, Ријана своето влијание го насочи на филантропски активности, од кои најважна е нејзината фондација „Клара Лајонел“. Основана во 2012 година и наречена по нејзините баба и дедо, Клара и Лајонел Брејтвејт, фондацијата работи на подобрување на квалитетот на животот ширум светот во областа на здравјтето, образованието, уметноста и културата.

Доделувањето на музичките награди за најдобри видео записи на Ем-ти-ви ќе се одржи на 28 август, недела, во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк, а преносот во живо ќе се емитува на сите канали на Ем-ти-ви ширум светот. Кај нас истиот ќе започне во 4 часот по полноќ.

 

 



Врати се горе ↑