Видео

27 јули, 2019

Рене Зелвегер како Џуди Гарланд во новиот биографски филм „Џуди“

Рене Зелвегер се враќа на големото платно во новиот биографски филм за холивудската икона Џуди Гарланд, чија премиера е закажана за 27 септември. Насловен едноставно „Џуди“, филмот ќе го прикаже животот на легендарната актерка и пејачка во периодот додека се подготвува за настапот во „Свингинг Лондон“, но и нејзините емотивни борби, комплицираниот однос со децата, зависноста, замките на успехот… Дејството започнува од смртта на нејзиниот татко, нејзините проблеми со дрогата и обидот за самоубиство.

Филмските критичари предвидуваат исклучителна драма, бидејќи, според нив, Рене е вистински избор, затоа што нејзината енергија е слична со онаа на Гарланд. Таа во филмот изгледа речиси непрепознатливо и навистина потсетува на ѕвездата од златното време на Холивуд.

Џуди Гарланд како Дороти во „Волшебникот од Оз“ (1939)

Џуди Гарланд е една од најголемите ѕвезди во четириесеттите и педесеттите години од минатиот век, а меѓу нејзините најпознати улоги се Дороти во „Волшебникот од Оз“ (1939), „Побарај ме во Сент Луис“ (1944), Летна претстава (1950), „Ѕвездата е родена“ (1954) и многу други. За нејзиниот живот и дело снимени се повеќе биографски филмови, како што се „Виножито“ (1978) и „Животот со Џуди Гарланд: Јас и моите сенки“ (2001).

Филмот „Џуди“ го режираше Руперт Гулд, според сценариото што заедно го напишаа Том Еџ и Питер Квилтер. Освен Рене Зелвегер, во филмот ќе ги видиме и: Џеси Бакли, Фин Витрок, Руфус Суел, Мајкл Гамбон и други. Нејзината исто толку позната ќерка Лајза Минели ќе ја игра Џема-Леа Деверо.



Врати се горе ↑