Интервју 12039474_10206822179666251_8216885324240039269_n

10 ноември, 2015

Рената: „Во Македонија сме само Јутјуб пејачи“

Името Рената Кралевска, или едноставно Рената, стана неизоставен дел од македонската музичка сцена во последниве години, а покрај текстовите на своите песни, потпишано е и на голем дел од стиховите на хитови од други изведувачи. Остава сè подлабока трага во нашата музичка историја, пренесува инспиративни пораки, експериментира со модата, ја покажува својата хумана страна, се обидува да даде и мал придонес за подигање на свеста на јавноста за некои аспекти од животот учествувајќи во хуманитарни проекти, а со својот најнов сингл „West Side Story“ и улогата на Дурекс амбасадор во Македонија се залага за безбедна љубов.

Разговаравме за нејзините досегашни искуства, идни планови, впечатоци за состојбата на македонската и светската музичка сцена, а што има да каже Рената за сето тоа, дознајте во продолжение.

Да започнеме од актуелниот проект и соработката со „Дурекс Македонија“. Како дојде до оваа соработка и зошто токму „West Side Story“?

– „Дурекс Македонија“ го направи својот пристап до ПР агенцијата со која работам и беа заинтересирани доколку би била расположена за соработка на кампањата која беше планирана за 2015 година. Кога ми беше предложена оваа соработка бев сигурна уште од самиот почеток дека ќе имам можност преку јавната сфера да им  помогнам на помладите генерации кои допрва го откриваат љубовниот живот, емоциите, страста, да бидат свесни за важната фаза во која влегуваат со своите партнери. Податоците кои произлегоа од истражувањето покажаа алармантна бројка на млади луѓе кои имаат делумни, или пак дури и елементарни непознавања за безбедниот секс, контрацепцијата и заштитата од сексуално преносливите инфекции. Дел од нив произлегуваат од фактот дека младите луѓе во врска со сексот најчесто се советуваат едни со други, или пак бараат информации на интернет, каде има најразлични одговори и совети, од кои голем дел не се точни. Многу ретко решаваат да се консултираат со стручни лица на оваа тематика, така што нашата мисија е преку директен контакт, како и преку медиумите да придонесеме кон правилна едукација за сексот меѓу младите во Македонија. „West Side Story“ како песна веќе беше подготвена некое време да си го најде својот пат на официјално издавање, но со својот заводлив ритам и ниво на мистериозност ја наменивме за кампањата. Се работи за емоција и страст, искушение, љубов.. Едноставно знаев дека тој звук треба да биде заштитниот звук за „Дурекс Македонија“.

 

Покрај оваа на „Дурекс“, учествуваше и во кампањата Шанса за живот, наменета за опремување на Интензивниот оддел на Клиниката за детски болести во Скопје. Што мислиш, дали и колку познатите личности можат да придонесат за ваквите проекти, барем кај нас во Македонија?

– Оваа кампања ми е во срцето, можеби бидејќи се работи за да се спаси нов живот кој допрва треба да ги види боите на секојдневието. Секој може да придонесе за секој тип на проекти, хуманитарни цели, само треба да им се даде шанса на луѓето. Ако јас како јавна личност можам да помогнам да се сподели оваа вест, да се активираат уште повеќе граѓани, заедно да бидеме херои на многу животи, со повеќе од задоволство го правам тоа. Македонија има многу луѓе со срце и душа, тоа постојано го покажуваат, го докажуваат и преку оваа кампања. Сè уште се собираат средства, многу инкубатори за новороденчињата се набавени, опрема за интензивниот дел на клиниката исто така. Среќна сум кога гледам дека заедно сме донеле насмевки и среќа на многу семејства. Сум била дел од хуманитарни збиднувања често и ден денес сум вклучена. Лично за мене таа сатисфакција е незаменлива, се хранам од истата. Тоа ме прави среќна и исполнета личност.

 

Твоите песни одлично котираат на топ листите во повеќе земји ширум светот, а секако и кај нас. Но, во Македонија ситуацијата е малку поинаква – кај нас нема официјална топ-листа, никој не ја следи продажбата на синглови и албуми… Односно, во Македонија не ни има продажба на синглови, а никој не знае чиј албум бил најпродаван, ако не неделно и месечно, барем во текот на годината. Сметаш ли дека добро би ни дошол некаков сервис од типот на Ајтјунс, Амазон и сл., преку кој македонската публика ќе може да купува синглови и албуми, па врз основа на тоа да се создаде официјална македонска топ листа?

За жал, кај нас го немаме основното нешто што треба да биде број 1 за македонската естрада. Немаме музичка телевизија, на прсти се бројат емисиите во кои ќе може македонската музика да стигне на ред. Имаме толку многу музика, а едвај можам да погледнам спот да се емитува на нашите канали. Топ листа исто така немаме, а секој изведувач и публиката на истиот би сакал да се бори за искачување на врвот на тој артист и песна со тоа што ќе придонесе дел да биде неговата омилена песна во Топ 10 на пример. Искрено, како да сме Јутјуб пејачи. Немаме емисија каде би можело да се изведуваат песни во живо, да се почувствува енергијата со директен контакт. Сè е сведено на бесплатно симнување и тука во старт нема купување на синглови, камоли на албуми.

Сепак живееме во мала држава, која и не може да биде голем пазар, но може да се започне од некаде за да се зачува музичкото богатство кое го имаме. Потребни се закони, заштита на музиката и нејзино поголемо присуство. Да бидам искрена мојата музика има продажби надвор од Македонија преку Ајтјунс, но еве би било одлично доколку овој сервис е достапен и за Македонија, да се направи прогрес и да се вложи во таков почеток. Колку повеќе сме свесни толку е подобро за сите нас. Всушност величината на секоја земја се гледа по тоа колку е богата културната, музичката, филмската индустрија. Колку успешни амбасадори постојат за истата.

 Каква е состојбата на актуелната македонска музичка сцена според тебе? Што би додала, одзела, променила…?

– Лично можам само да додадам, а заедно да промениме со тоа што ќе дадеме. Македонската естрада не можам да кажам дека не постои, во последните година и пол имаме хитови, само треба повеќе да си ги почитуваме и застапуваме. Имаме повеќе емисии и шоуа кои нè отргнуваат од сè она што имаме да го понудиме. Македонската музика заслужува постојано вртење, па дури и „конкуренција“. Можеби и тоа недостасува.

Обидувајќи се да создадат песни што ќе се паметат, речиси сите музичари се трудат да ја пронајдат формулата за хит. На дел од нив тоа им успеа, па некои мелодии и рефрени се пеат и слушаат со генерации, зацврстувајќи им го статусот на легенда или икона. Без оглед на жанрот, се чини дека тајната е во едноставноста, па понекогаш се доволни и две до три основни ноти врз кои би се изградила целата композиција. Кои се факторите или што е пресудно за една песна да биде хит, или уште подобро, евергрин?

– Е тоа е нешто што не може да се дефинира. Сè произлегува од емоцијата и вистинскиот момент на нејзиното искажување. Кога нешто лично се става во таа песна, нема грешка. Иако за евергрин пресудни се еден изведувач, композитор и цела маса на луѓе кои со години ќе се прашуваат „Зарем сè уште се ежам кога ќе ја слушнам оваа песна?“

 

Ти си првата Македонка со свој канал на платформата „Виво“ (VEVO). Што значи тоа за твојата интернационална кариера?

– Да бидам реална, „Виво“ е одлична платформа за секој музичар, за секој кој сака музиката да му биде заштитена и да допре до поголем аудиториум. Ја имав таа среќа да добијам „Виво“ кога сè уште не беше достапно за Балканот, и секое видео се чека да биде одобрено од сосема други извори. Тоа е платформа која во САД и ширум Европа има и свој музички канал каде се вртат многу од тие видеа. Но, еве, платформата веќе е достапна и за секој друг македонски артист, така што сметам дека е тоа одлично и голем прогрес.

Со оглед на тоа што дел од твоите песни веќе се најдоа на компилации со светски познати музички имиња, се гледаш ли како дел од светската сцена?

– Отсекогаш преубаво ми звучело тоа – дел од светската сцена. Тоа ми било и ми е мотивација за секој нареден проект, за секоја наредна песна да биде поуспешна од претходната. Верувам дека за сите нас има место под сонцето и дека секој ќе биде онаму каде што треба да биде доколку се вложи максимално. Верувам во себе, во она што сакам да го пренесам емотивно. Искреноста и ранливоста се важен дел од креирањето на секоја нота, секој напишан збор. Сакам луѓето да ме почувствуваат на начинот кој ми дозволува да сум своја. Верувам дека сè е со причина, но јас работам за таа причина да ја остварам. Не сакам да ги оставам работите на случајност или ако треба да биде ќе биде. Важно е да знаете дека вие сте тие кои ги потикнуваат работите да не стојат во место. Животот вели „Повели, ајде да видам што можеш“ – тогаш ајде станете, ако не сега, кога?

Како и сè друго, така и во музиката трендовите постојано се менуваат, односно доаѓаат во циклуси – понекогаш се бара нов звук, а понекогаш носталгијата ќе нè натера да направиме своевидна ренесанса на некои стилови и жанрови од минатото. Што мислиш, кој период или деценија од музичката историја остави најголема трага и дали и што ѝ недостасува на актуелната состојба на светската музичка сцена?

– Во моментов и светската индустрија е фокусирана на инстант хитови, песни што се слушаат, но се со рок на траење. Некако се влезе во тој систем и изгледа како да немаше крај, барем за мене. Ми недостасуваат оние песни кои ќе ме седнат и ќе ме замислат. Искрено баш ова го размислував последниов период бидејќи го барав моментот на инспирацијата за некои наредни проекти кои сакам да ги реализирам. Некако ми беше облачно и одеднаш се врати Адел со најмоќното нешто што може да создадено во последниве години. Сем Смит исто така со Бондовата тема. Сфатив дека ми фали емоцијата од душа, моментот на давање голем дел од себе во песните. Ми фалеше звукот на преродбата во себе, созревањето и искуството за да биде ставено во една песна. Така сфатив и дека ми фалат песните со кои израснав, ми фали тој дух на деведесеттите. Ми фали звукот на Селин Дион, Мараја Кери, Џорџ Мајкл… Грациозноста во музиката, ми фалат тие златни деведесетти.

Неизбежен дел од музичката сцена се и наградите. Греми, Билборд, Ем-ти-ви, БРИТ се само дел од наградите со кои секоја година се закитуваат најуспешните и најпопуларните имиња во индустријата, а самите манифестации се приказна за себе. Многумина имаат впечаток дека самата музика сè повеќе паѓа во сенка, а акцентот е ставен на скандалозните изведби и расправии меѓу изведувачите. Дали и колку ги следиш овие случувања?

– Секој што ги следи сите тие доделувања на награди може да ја забележи големата разлика. Греми секако дека се традиција сама по себе и се најочекуваната манифестација. Едно Греми во раката има огромна тежина за секој музичар и само тие ми го немаат изгубено сенсот за шоу во вистинска смисла. Сите овие други манифестации се забава и треба да бидат така сфатени. Музиката не може да падне во сенка на манифестацијата каде основната задача е возвишување на музиката. Сфаќам дека шоу бизнисот бара скандали, бара многу работи што носат инстант популарност, креира зависност на публиката да го следи секој интимен детаљ на ѕвездите, но некако сето тоа ја одалечува важноста на музиката и креирањето. Сите изведувачи пред сè сакаат да ги знаете според она што го создале, според она со што тие ви го промениле животот. Знам дека сè е интригантно и после тоа запознавање на еден изведувач, но еден дел од животот верувам дека треба да се зачува само за себе. Ако ви дадам влез целосно во мојот живот, дали би требало со тоа да покажам дека немам што повеќе да понудам? Дали би требало некој да се осмели да ги осудува моите одлуки, постапки? Дозата на мистериозност е секогаш ин, не заборавајте.

Покрај доделувањата на награди, тука се и реалните музички шоуа како „Х фактор“, „Идол“, „Гласот“… Самиот концепт на ваквите проекти, барем во земјите што се порелевантни за светската музичка сцена (САД и Велика Британија), е всушност потрага по следната голема ѕвезда, односно своевиден експеримент компаниите да видат од кој изведувач би имале најголем профит. Но, се чини дека кај нас не е така… често се случувало победникот да не си ја добие паричната награда или да не потпише договор со одредена издавачка куќа…  Какво е твоето мислење за ваквите шоуа во Македонија и регионот?

– Лично не сум голем фан на овие шоуа, но сепак се релативно одлична шанса да се покаже талентот што се поседува. Па ниту во странство оние кои што победиле немале огромни кариери, добиле едногодишни договори и ги снемало. Освен Леона Луис, „Уан дајрекшн“ и Џејмс Артур. А толку години има уште поголеми и поневеројатни вокали што произлегле од тие шоуа. Тука е важен само публицитетот и името.

Од неодамна започна да се емитува и првото македонско музичко реално шоу „На иста адреса“, во чии рамки се натпреваруваат 12 изведувачи, дел од нив веќе познати за јавноста, а дел што допрва ќе се докажуваат. Ти се допаѓа ли целиот тој концепт?

– Не гледам реални шоуа, не ми се допаѓал начинот на кој 10 луѓе на пример се ставени како заморчиња во четири ѕида и чекаат со кој попрво ќе се испокараат и кој поголема глупост ќе направи. Никогаш ништо поучно и инспиративно не произлегло од тоа. Но, овде самиот момент ме заинтригира затоа што е музичко шоу и се работи за мала музичка академија која што ќе ги усмери овие млади изведувачи да станат поискусни и поподготвени за музичкиот свет. Имаат ментори, музички професори со кои работат. Интересно навистина. Само мислам дека што повеќе се фокусираат на тоа кои се навистина и зошто влегле во таа куќа, само така ќе успеат да излезат со искуство и знаење што ќе им помогне и како карактери и како изведувачи. Роберт како врвен композитор, Весна Бејби воопшто и за сценски настап и за актерско пронаоѓање на таа сцена им претставуваат голема помош и инспирација. Е сега Боки 13 им ја донесе пикантноста и другата неизбежна страна на шоу бизнисот. Сега ќе видиме кој како ќе се снајде и во кој дел од ова ќе надвладее.

 

Што е следно од Рената? Кога да го очекуваме твојот прв албум?

– Досега само нешто најавував околу албумот и не излезе така. Работам на него и ќе излезе во вистинскиот момент. Ново е тоа што паралелно започнувам да правам и македонски песни. Едноставно време е. А она што ќе го слушате допрва од мене ќе биде еден вид на карактерен стриптиз. Личните емоции и моменти што сум ги искусила ќе ги соберам на едно место. И ќе знаете дека се лично искуство.

Рената, ти благодарам што одвои време за нас. За крај, што би им порачала на твоите фанови и читателите на РадиоМк?

– Можам да им посакам само здравје и разум да ги следи, а сè останато да се свесни дека можат сами да го направат. А да, и многу ризици да преземаат. Не комфорна зона, ризици!

Благодарам Радио Мк и за вашето време.

Подготви: Ивона Јанкова

 



Врати се горе ↑