Македонија 252066_10151626580023957_1030942635_n

7 јануари, 2013

Рекордна посетеност на мјузиклот за Тоше Проески (фото и видео)

Голем хуманитарен новогодишно-божиќен мјузикл, под слоганот „Музика и хуманост без граници“ одржаа во петокот гимназијалците од струмичкото средно училиште „Јане Сандански“. Големиот интерес за концертот резултираше со негово повторно одржување, веднаш после првата изведба. Повеќе од 70 учесници, преку глума, хорско пеење, балет и солистички изведби поддржани со инструменталисти, го одиграа својот необичен мјузикл посветен за Тоше Проески. Повеќе од 30 песни склопени во 80-минутен мултимедијален настан.

Големата сала на НУЦК „Антон Панов“ која собира едвај 600 гости, беше претесна за над 1200 посетители кои дојдоа да го гледаат концертот. Овој хуманитарен настан немаше класична влезница туку граѓаните донираа свои подароци под симболичната елка, а тие се наменети за 20 социјално загрозени семејства во Струмица.
Менторите на хорот и оркестарот велат дека досега своите концерти никогаш не биле изведени два пати во истата вечер, а поради огромниот интерес размислуваат да го одржат својот хуманитарен мјузикл и во други македонски градови.
Во продолжение погледнете инсерти и фотографии од овој хуманитарен настан на средношколците од Струмица.

 

 



Врати се горе ↑