Аудио

17 јануари, 2018

„Рејдиохед“ ја тужи Лана Дел Реј?

Англискиот рок-бенд „Рејдиохед“ смета дека Лана Дел Реј ги прекршила авторските права и ја искористила мелодијата од хитот „Creep“ (1992) за својата песна „Get Free“, сместена на албумот „Lust For Life“ (2017). Токму затоа групата поднела тужба против пејачката, која и самата ја потврди веста, велејќи дека музичарите барале 100% од издавачките права.

„Вистина е дека добив тужба. Иако знам дека мојата песна не беше инспирирана од ’Creep’, ’Рејдиохед’ смета дека е и сака 100% од издавачките права. Јас им понудив до 40% во изминатите неколку месеци, но тие не сакаат да прифатат ништо помалку од 100%. Нивните адвокати се упорни, па затоа ќе продолжиме на суд“, напишала таа на Твитер.

И покрај тоа што двете песни се доста слични, да се бараат 100% од издавачките права е претерано, дури и иронично ако се има предвид дека „Рејдиохед“ мораа да ја поделат заработувачката од хитот со „Холис“ откако признаа дека ја позајмиле мелодијата од The Air That I Breathe“ (1972), пишува „Идолатор“.

По објавата на Дел Реј, се огласи и издавачот на „Рејдиохед“, „Ворнер/Чепел“ (Warner/Chappel).

„Како музички издавач на ’Рејдиохед’, вистина е дека сме во преговори со претставниците на Лана уште од август минатата година. Јасно е дека стиховите од ’Get Free’ користат музички елементи што ги има во ’Creep’ и ние побаравме да се обелодени тој факт заради сите автори на ’Creep’. Колку да ја разјасниме ситуацијата, досега не е поднесена никаква тужба и ’Рејдиохед’ не рекле дека ’ќе прифатат само 100% од издавачките права’ за ’Get Free’“, пишува во соопштението објавено во „Пичфорк“.

Двете песни можете да ги слушнете и споредите во продолжение.

 

 



Врати се горе ↑