Концерт

3 октомври, 2017

„Рег-ен-боун мен“ доаѓа во Скопје!

Огромно задоволство ни е да ви најавиме дека една од најактуелните светски ѕвезди во моментов, еден од највозбудливите и најспецифични вокали на денешницата, „Рег-ен-боун мен“ (Rag`n`Bone Man) доаѓа во Скопје, на голем концерт во арената „Борис Трајковски“, на 11 мај, соопштија од „Авалон продукција“.

Добитникот на БРИТ и Ехо наградите, Рори Греам (Rory Graham) алијас „Рег-ен-боун мен“, идната година заминува на турнејата насловена „Grand Reserve“, која ќе опфати 20 земји од Европа, на која на големо задоволство успеавме да го потврдиме и Скопје.

„Рег-ен-боун мен“ неодамна го издаде својот албум првенец со наслов „Human“, кој уште во првата недела се продаде во преку 117.000 примероци и така стана најбрзо продаван деби албум од музички изведувач на деценијата!

Хит-синглот „Human“, кој излезе во јули минатата година, буквално ја размрда музичката сцена и се искачи на врвот на светските топ листи дури во 33 земји, а во моментов има 367 милиони прегледи на Јутјуб. Покрај тоа што музичарот годинава се закити со две БРИТ награди, неговите турнеи во Европа и Британија се постојано распродадени.

Инаку, со концертите на „Тото“, „Рег-ен-боун мен“, како и уште многу други ексклузивни концертни настани предвидени за идната година, започнува прославата на јубилејот 25 години од постоењето на „Авалон продукција“.



Врати се горе ↑