Настани e853e647096b230ee7f6cf04801d401d_L

1 ноември, 2014

Расте интересот за „Фестивалот на музика од светот“ во Битола

Привршуваат подготовките на Фестивалот за музика од светот“, што ќе се одржи од 6-8 ноември во Битола. Во очекување на светски познатиот Ричард Галијано, кој ќе го отвори фестивалот заедно со квартетот „Тангарија“, организаторот акцентот го стави на групата „Фолтин“, која за публиката подготвува изненадување, пренесува битолската телевизија „Орбис“.

„Почестени сме што на фестивалот ќе го имаме најголемиот хармоникаш на светот, добитник на наградата за најдобар композитор на класична музика за 2014 година. Неколку дена пред почетокот на фестивалот чувствуваме голема возбуда“, рече Борче Димитровски, директор на Центарот за култура, на вчерашната средба со новинарите.

Втората фестивалска вечер е резервирана за македонската група „Фолтин“ и за истанбулскиот диџеј со македонски корени Али Дојран, кој пред присутните ќе се претстави во битолското кафуле „Хаус Бар“ на Широк Сокак.  Групата „Фолтин“ ѝ е позната на битолската публика. Зад себе има 6 студиски албуми, а во тек е и подготовка на ново це-де, проект што го реализираат  во соработка со Центарот за култура Битола.

„Многу сме среќни и задоволни што сме дел од фестивалот, ќе се претставиме со нашата класична програма, но ќе има и мало изненадување. Сакам да го кажам и ова… Како адолесцент, го обожував Ричард Галијано и затоа неговото доаѓање е голем настан за мене. Секоја чест за организаторите што го донесоа ова големо име“,  рече Бранислав Николов од „Фолтин“ на вчерашната средба со новинарите.

Расте интересот кај публиката за овој фестивал и тоа не само домашната туку и странска. „Се обидуваме Битола да ја ставиме на мапата на големи случувања“, вели селекторот на фестивалот, Оливер Јосифовски.

Последната вечер од фестивалот, во култното место за битолчани „Порта Џез“, свој настап ќе има „Јасмина Беличанска квартет“, додека пак почетокот ќе биде во знакот на Ричард Галијано, францускиот виртуоз на хармоника. Галијано ќе настапи заедно со светски познатиот „Тангарија Квартет“ од Франција. Нивната музика е комбинација на Ј.С. Бах, тангото, валцерот, самбата и салсата.

Фестивалот е во организација на Центарот за култура од Битола, а под покровителство на Министерството за култура.

Извор, фотографија и видео: tvorbis.com.mk

 



Врати се горе ↑