Концерт 66ajvb

14 март, 2013

Распродаден концертот на „Фулиш грин“ и следува втор во сабота

Утрешниот концерт на „Фулиш грин“ (15.02.2013), на кој групата го претставува својот деби албум „Escape“ е целосно распродаден. Ја известуваме публиката дека по тој повод утре нема да се продаваат влезници за овој концерт на билетарата на МКЦ, но поради големиот интерес и на задоволство на сите оние кои не успеаа да дојдат до својот билет за овој концерт, „Фулиш грин“ ќе одржат и втор концерт следниот ден, во сабота (16.03.2013).

Билетите за овој концерт се веќе достапни по цена од 200 денари, а истите во сабота на билетарницата на МКЦ ќе се продаваат со нивната полна цена – 250 денари. Претпродажбата на билетите за вториот концерт на Фулиш Грин се спроведва во продажната мрежа на МК Тикетс: Југотон (ГТЦ, прв кат), Кафе Браво, Сперфлај (Superfly), Круг (Аеродром) и билетарата на МКЦ.

Двата концерти на „Фулиш грин“ кои ќе се одржат во арт-киното „Фросина“ (МКЦ, Скопје) со почеток во 21.30 часот, се концертна промоција на првото студиско издание на бендот (ЕSCAPE) кое беше објавено изминатиот месец. Како гостин на нивниот концерт во петок ќе настапи „Џун“ (June), бендот кој изминатата година го промовираше својот деби албум „Someday Soon“ и веќе остава значајна трага на македонската музичка сцена, претставувајќи ја емотивната страна на префинетиот инди поп. Но ова ќе биде концертна вечер која нема да заврши со „Фулиш грин“, туку по нивниот настап групата најавува и „afterparty“ со докажаните хип хоп артисти на домашната сцена, диџеј Гоце (Саф) и ЛД Пистолеро. Во сабота пак, на вториот промотивен концерт, како предгрупа на „Фулиш грин“ ќе настапи Јана Нарајана (Jana Narayana) која ќе се претстави со свој акустичен сет, а дополнително ќе бидат објавени и деталите за музичките гости на саботната „Фулиш грин“ „afterparty“.

„ESCAPE“ е првиот лонг-плеј албум на „Фулиш грин“, но и едно од ретките изданија од ваков тип на музички правци на нашите простори, кое веќе ги собира одличните оценки на музичките рецензенти во регионот. Деби албумот, на кој се претставени вкупно 12 композиции и е објавен за издавачката куќа „Пасворд Продакшн“, е снимен во домашно студио, со мастеринг на Дарко Спасовски – Пацки, додека зад музиката се потпишува Ненад Стефановски – Брус. Концептот за обвивката на албумот и дизајнот се на Мики Стефановски.

Музиката и тимот на „Фулиш Грин“ израсна врз основа на интуитивно-спонтано-емпиристичкото внатрешно чувство проследено со акустични инструменти со неколку доверливи аналогни ефекти и еден недоверлив компјутер. „Фулиш Грин“ е проект зад кој стои Ненад Стефановски (вокал, гитара, продукција), алтернативен музичар од Скопје, познат по својата работа како продуцент на „Грин Аут“ (Green Out), „Легијата“, „Против сите“… Од самиот почеток, кон креативната идеја „Escape“ во наплив се придружија и артистите кои примарно допринесоа со својот емпиристички пристап: Нико Гаврилов (гитара, металофон), Давор Стојановски (гитара), Стефан Пехчевски (клавијатури), Теодор Бошков (бас гитара) и Стефан Дамјаноски (тапани).



Врати се горе ↑