Концерт 2c

11 ноември, 2015

Распродаден е концертот на светската атракција „Ту челос“ во Скопје!

Речиси четири недели пред закажаниот термин за концертот на „Ту челос“ (2 Cellos) во Скопје, влезниците се целосно распродадени! Големиот интерес за овој музички настан беше очигледен од првото најавување на концертот, кој ќе се одржи на 4 декември во „Метрополис арена“ во Скопје. Сите оние кои своите билети ги купија на време, во „Метрополис арена“ ќе можат да влезат од 19.30 часот, а маестралните „Ту челос“ ќе излезат на бината во 20.30 часот.

Супергрупата од двајца, „Ту челос“ на Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како Хрватите кои го освоија целиот свет, доаѓаат во рамките на офф-програмата на годинашното издание на фестивалот „Таксират. Дуото со секој свој настап гарантира незаборавно доживување и за оние со најпрефинет музички вкус, а во Скопје  настапува првпат и тоа во атмосфера и арена која најмногу доликува за спектаклот кој таа го приредува.

Ако сакате да видите нешто навистина неверојатно, гледајте ги ’Ту челос’ во живо. Зачудувачки е! Не сум видел ништо повозбудливо од времето кога во ’60-те го гледав Џими Хендрикс“, вели Сер Елтон Џон за хрватските виртуози.

Националните хрватски и меѓународни награди на Лука и Стјепан не се бројат, а нивната виртуозност со воодушевување е прифатена секаде во светот. Речиси и да не постои престижна концертна сала во светот каде момците не измамиле громогласни аплаузи. Од Нов Зеланд до Америка, „Ту челос“ се прифатени со восхит и неверување во нивниот музичко сценски капацитет и особено се познати по огнената енергија и неизмерната љубов кон музиката која не можат да ја сокријат на сцена. Опуштени и секогаш подготвени да ја доведат публиката во еуфорија. Повод за концертот во Скопје е и нивниот нов, трет студиски албум – „Celloverse“, кој го објавија годинава и на кој покрај преработките на светските хитови во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.

Во „Метрополис арена“ на 4 декември нѐ очекува вистински музички раритет, а во извонредната виртуозност на „Ту челос“ ќе уживаат вистинските љубители кои имаа среќа на време да ги купат билетите!

 

Покрај овој концерт, во рамките на „Таксират“ ќе се одржат повеќе настани, од кои веќе најавени се: втората „ПИН“ музичка конференција на 27 и 28 ноември, „ЛУЗЕР ФЕСТ“ на 28 ноември, концертот на „РУНДЕК КАРГО ТРИО“ на 30 ноември, македонската премиера на најгледаната претстава во регионот „ЃУРОЛОГИЈА“ на 3 декември и секако, главната вечер на „ТАКСИРАТ на 7 декември.



Врати се горе ↑