Свет dmc1504e

6 август, 2013

Ран-ДиЕмСи го критикуваат современиот хип-хоп

ДиЕмСи од групата Ран-ДиЕмСи (Run-DMC) современата хип-хоп продукција ја нарече „незрела“ и „без почит“. Легендарниот рапер чие вистинско име е Дерил МекДаниелс, за британскиот магазин Metro изјавил дека најголемите имиња од денешната хип-хоп сцена „објавуваат лоши демо снимки“, „промовираат насилство и култура на оружје“, како и тоа дека на овој жанр му ги одзеле неговите „оригинални добри намери“.

„Тврдам дека 98 проценти од денешната хип-хоп музика се всушност само лоши демо снимки“ – рекол тој. За насилството во видео записите, ДиЕмСи вели: „Раперите ќе се правдаат и ќе речат ’Па не ги напаѓаат Арнолд Шварценегер или Брус Вилис кога снимаат филмови во кои има насилство, зошто би нè нападнале нас’. Јас на тоа им велам: ’Ако мислиш да го користиш тоа, остави го микрофонот и немој да се занимаваш со музика. Јас лично ќе те исфрлам надвор – ако го користиш тој изговор, оди снимај филмови.“

Раперот додал и дека иако тој и неговите колеги Џозеф „Ран“ Симонс и покојниот Џејсон „Џем Мастер Џеј“ Мизел снимале и негативни албуми, секогаш ги комбинирале со позитивни пораки: „Ако снимиш албум за пиштоли, на истиот албум мора да има и нешто за некористење на пиштоли. Ако зборуваш за лоши жени, тогаш мора да имаш и нешто за својата тетка која цел живот работела напорно за нејзините деца да можат да се школуваат.“

Според него, проблемот е во тоа што комплетниот жанр ги изгубил добрите намери: „Причината поради која хип-хопот воопшто постои е тоа што тој почна со добри намери. Но откако добрите намери исчезнаа, музиката стана отровна, без почит – стана незрела.“

Извор: NME.com



Врати се горе ↑