12 декември, 2016

„Рагалушн“ го претставуваат својот прв видео запис

Словенечкиот реге состав „Рагалушн“ деновиве го промовираше својот прв видео запис за песната „Eyes Of A Warrior“, која ќе се најде на претстојниот, втор по ред албум насловен „Gatekeeper“, закажан за следната година.

„Рагалушн“ (Raggalution) е резултат од соработката на седум пријатели што ги здружила една основна идеја – свирење реге музика. Екипата почнува да се собира во 2011 година и веќе од првиот ден создава авторска музика. Во мај 2012 година следува и првиот концер на настанот „Теден младих“ во родниот град Крањ, каде што бендот веднаш ги освојува симпатиите на публиката. Позитивните реакции на публиката им даваат дополнителна мотивација за понатамошна работа. Досега зад себе имаат голем број концерти, каде што сцената ја делеле со етаблирани имиња на словенечката и светската музичка сцена.

raggalution

Покрај успешните гостувања во многу европски градови, групата зад себе има и две балкански турнеи, во чии рамки настапиле во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Грција и Бугарија, а тука се и гостувањата на познати фестивали како што се „Сигет“, „Си-сплеш“, „Оуверџем“, „Калчрал реге вајбс“ и други.

Својот деби албум „Mask Of Liberty“ го објавија кон крајот на 2013 година, каде што сместија 10 авторски теми, кои претежно претставуваат критика на денешното општество, предложувајќи некои поинакви, подобри алтернативи. „Рагалушн“ се: Мак Север (бас), Лука Бедене (вокал), Павел Чебашел (тапани), Леон Слабе (труба, вокал), Јуре Грахек (клавијатури), Жига Фазаринц (гитара) и Јернеј Јенко (перкусии). 

www.raggalution.com
raggalution.bandcamp.com
www.facebook.com/Raggalution



Врати се горе ↑