За Вас

3 јануари, 2019

РадиоМК: Снежни песни

Новогодишните и божиќните празници, а и зимата воопшто, не би биле исти без идиличната атмосфера што ја прави снегот. Иако знае да го отежне секојдневното извршување на обврските, снегот им носи радост и на најмладите и на најстарите, а прошетката по меката бела прекривка можеме да си ја дополнеме и со една убава плеј-листа со песни посветени токму на овој феномен на природата.

Покрај најбројните песни посветени на Божиќ и Нова година, музичарите ширум светот компонирале, пишувале и пееле и за снегот, па имајќи предвид дека деновиве голем дел од Македонија е под бела покривка, решивме да споделиме неколку од најубавите снежни песни. Се надеваме дека нашиот избор ќе ви се допадне и ќе ви ја дополни празничната атмосфера. Уживајте!

Image result for snowflakes

Let It Snow! Let It Snow! Let It Snow!

Можеби првата песна која ни доаѓа на ум кога ќе започне да паѓа снегот е сигурно „Let It Snow, Let It Snow, Let It Snow!“. Интересно е тоа што овие познати стихови се родиле во сосема спротивни временски услови, во жешките јулски денови во 1945 година, кога композиторот Џул Стајн и текстописецот Семи Кан посакувале да се спасат од калифорниските горештини. И покрај тоа што не се спомнува Божиќ или Нова година, песната сепак стана дел од празничната плеј-листа, во изведба на огромен број музичари.

Прв ја снимил американскиот баритон Вон Монро (1945), но некако најпозната стана верзијата на легендарниот Дин Мартин, па токму со неа уживајте во продолжение.

Winter Wonderland

Напишана во далечната 1934 година од композиторот Феликс Бернард и текстописецот Ричард Б. Смит, „Winter Wondeland“ стана речиси неизоставен дел списокот со празнични евергрини, па затоа во текот на годините ја снимиле преку 200 различни пејачи, меѓу кои Френк Синатра, Бинг Крозби, Дорис Деј, Дин Мартин, Мајкл Бубле, Тони Бенет и многу други.

Приказната зад оваа романтична песна, во која се зборува за двајца вљубени кои уживаат во снежната идила, е дека Смит се инспирирал да ја напише откако се воодушевил од глетката во централниот парк во родниот град Хоунсдејл во Пенсилванија. Песната прв ја снимил американскиот музичар Ричард Химбер со неговиот оркестар (1934), но ние се одлучивме за дуетската верзија на Мајкл Бубле и Род Стјуард, кои ја изведоа во рамките на празничната емисија на Бубле во 2012 година.

 

Jingle Bells

Можеби најстарата песна на оваа листа е популарната „Jingle Bells“, која американскиот музичар Џејмс Лорд Пјерпонт ја напишал есента во далечната 1857 година, со оригиналниот наслов „One Horse Open Sleigh“. Интересно е тоа што песната била првично наменета за сезоната на Денот на благодарноста, кој во Северна Америка се слави во октомври или ноември, но бидејќи снегот секогаш се поврзува со божиќните празници, со текот на времето станала синоним за овој период од годината.

Мелодијата првпат била снимена во 1889 година на Едисоновиот цилиндар (една од првите верзии на грамофонот), а како и повеќето сезонски и празнични песни, низ годините доживеала бројни изведби од различни музичари.

 

Jingle Bell Rock

Првично отпеана од американскиот пејач Боби Хелмс во 1957 година, „Jingle Bell Rock“ е уште една во низата снежни песни што често може да се слушнат на радио во овој период од годината. Компонирана од Џозеф Карлтон Бил и со стихови од Џејмс Рос Бут, песната ја препеале и други изведувачи во изминативе години, но верзијата на Хелмс сепак остана најпопуларна.

 

Snow

Насловена едноставно „Snow“, оваа песна ја напиша легендарниот американски композитор и повеќекратен добитник на Греми и Оскар – Ирвинг Берлин, за филмот „Бел Божиќ“ (White Christmas) од 1954 година. Таму првпат ја отпеаја холивудските легенди Бинг Крозби, Роузмери Клуни, Дени Кеј и Вера-Елен, а самостојна студиска верзија сними и Клуни.

За разлика од другите снежни песни, оваа не доживеала многу преработки од други изведувачи, па во поново време снимени се само две верзии – од американскиот актер и музичар Сет Мекфарлан во 2014 и од американската инди-музичарка Холи Арбаљо во 2017 година. Сепак, и овде како најпознат се издвои оригиналот, па како звучеше „Snow“ во филмот „Бел Божиќ“ од 1954 година дознајте во продолжение.

 

(It’s) A Marshmallow World

Споредувајќи го снегот со вкусните слатки маршмелоу, композиторот Питер ДеРоуз и текстописецот Карл Сигман ја напишаа оваа песна во 1949 година, а и покрај тоа што низ годините ја отпеале повеќе изведувачи, најпозната е верзијата на Бинг Крозби, која легендарниот актер и пејач ја сними во 1950 година, како и онаа на неговиот колега Дин Мартин. Токму со неговата изведба уживајте во продолжение!

 

Sleigh Ride

Додека едни се љубители на скијањето, други уживаат да се санкаат, па „Sleigh Ride“ е одлична песна за ова уживање во снежната идила. Слично како „Let It Snow“, идејата за оваа песна на композиторот Лирој Андерсон му дошла во екот на летните горештини во јули 1946 година, а финалната инструментална верзија била готова во февруари 1948, додека стиховите ги додал Мичел Периш во 1950 година.

И денес позната како оркестарски стандард, првата верзија ја снимил композиторот Артур Фидлер и оркестарот „Бостон Попс“ во 1949 година, а во текот на годините ја снимиле и Џони Матис, „Спајс грлс“ и една од најпопуларните женски вокални групи од шеесеттите – „Ронетс“, па токму со нивната верзија можете да уживате во продолжение!

 

 

Baby, It’s Cold Outside

Сигурни сме дека за снегот има и уште доста други песни, но изборот го завршуваме со песна соодветна за снежниот период – студеното време. Со Оскар наградената „Baby, It’s Cold Outside“ ја напиша американскиот автор Френк Лесер во 1944 година, со цел да ја пее со својата сопруга Лин Гарланд за време на холивудските забави, на кои во тоа време се очекувало познатите гости и да запеат по некоја песна. Интересно е тоа што песната ја пееле при крајот на забавата, навестувајќи им на гостите дека време е да си заминат, а тоа ги направило вистински ѕвезди и редовни гости на сите холивудски забави.

Со најголема популарност песната се стекна во 1949, кога во филмот „Ќерката на Нептун“ (Neptune’s Daughter) ја отпеаја Рикардо Монталбан со Естер Вилијамс и во друга сцена Бети Герет со Ред Скелтон, а оттогаш наваму, речиси секоја година излегува по некоја нова верзија.

Уште еден интересен податок за оваа песна е фактот што изминативе неколку години, во екот на движењата за полова рамноправност и против сексуална злоупотреба на жените, многумина ја протолкуваа како контроверзна, односно дека алудира на обид за силување. Сето тоа резултираше и со забрана за емитување на песната на одредени радиостаници во САД, но поголемиот дел од публиката сè уште ја смета за празничен евергрин и со задоволство ја слуша секоја година.

За крај на овој наш избор на снежни песни, одбравме една од поновите верзии на „Baby, It’s Cold Outside“, во изведба на бродвејската актерка и пејачка Идина Мензел (најпозната по изведбата на Дизниевиот хит „Let it Go“ од анимираниот филм „Снежното кралство“) и кралот на празниците – канадската ѕвезда Мајкл Бубле. Уживајте!

И.Ј.



Врати се горе ↑