Видео Rada 4

26 мај, 2015

Рада Јаневска, уште една Македонка што воодушевува на музичките програми во регионот

Учествувајќи на разни музички шоу програми во регионот, Македонците покажаа и докажаа дека се опасна конкуренција. Даниел, Трајче, Боби и Давид се само дел од нашите таленти кои ја воодушевуваат публиката и стручните жирија на музичките натпревари како што се „Х фактор“, „Ѕвездичките на Пинк“ и сл. Уште еден доказ за тоа е и актуелната македонска претставничка на „Ѕвездите на Пинк“, Рада Јаневска.

Рада Јаневска има 35 години и живее во Скопје. Со пеење се занимава уште од својата најмала возраст, а своите први почетоци ѝ беа почнувајќи од фестивалот за деца „Златно славејче“ со изведба на песната „Модерни баби”. Професионално со пеење започна да се занимава во 2000 година, а веќе 14 години е во составот „Бузуки бенд“, со кои има настапувано по клубовите низ Македонија, така и низ поранешна Југославија, па дури и во Грција. Има настапувано и на „Макфест“ во 2004 година како дебитант со песната „Ако не си само мој“, композиција напишана од нејзиниот колега Трајче Ставревски, аранжманот е на Дарко Тасев, a текстот на Огнен Неделковски.

Рада во моментов се натпреварува во музичкото шоу „Звездите на Пинк”, а успеа да влезе меѓу првите триесетина финалисти и продолжува да се бори во следниот петти круг кој допрва ќе се емитува на телевизија „Алфа“. Досега поминаа четири круга, во првиот круг се натпреваруваше со песните „Краљ поночи“ од Ана Бекута и „Такве као ти“ од Нина Бадриќ, во вториот круг ги испеа песните „Проклет да је овај живот“ од Биљана Јевтиќ и „Судњи дан“ од Дорис Драговиќ, со која предизвика големи овации и аплауз од публиката и жирито, а посебно внимание привлече кај Харис Џиновиќ кој искоментира дека тоа е нејзиниот стил и треба да го задржи истиот, за разлика од Бора кој препорача да ги заборави народните песни кои таа мора да ги пее зошто се дел од изборот на самото натпреварување.

Рада Јаневска веќе 14 години настапува со „Бузуки бенд“ во казино „Фламинго“ и на барање на водителот Милан Калиниќ испеа грчка песна од Адонис Ремос со која изведба повторно го одушеви жирито и се издвои од другите кандидати. Во третиот круг ја отпеа „По тебе“ од Тоше Проески, а во четвртиот настапи со дуетската песна од „Магазин“ и Есма – „Дани су без броја“.

 

Во „Ѕвездите на Пинк“ се натпреваруваа четиристотини кандидати, од кои останаа да се натпреваруваат само триесетина финалисти. Досега имавме можност да ги следиме првите четири круга, а допрва следи и петтиот. Во првиот и вториот круг кандидатите настапуваа поединечно пред жирито, додека во следните два круга настапуваа и се бореа за следниот круг по четворица на сцената. Организаторите концептот на натпреварување и понатаму ќе го менуваат и во следниот круг.



Врати се горе ↑