Настани poster kula fotografija

12 ноември, 2015

Работилница за аналогна фотографија во културниот центар „Кула“

Културниот центар „Кула“ објавува повик за учество во работилница за аналогна фотографија. Повикот е отворен за сите кои веќе имаат познавање или би сакале да се запознаат со техниките на изработка на аналогна фотографија. Работилницата ќе заземе место во културниот центар „Кула“ и ќе се одвива од 19 (четврток) до 24 (вторник) ноември.

Вовед во поимот аналогна фотографија:

Терминот аналогнo го користиме со цел полесно да направиме разлика помеѓу дигиталната фотографија и фотографијата која се впишува врз индустриски спакувани, готови производи кои се на база на халогениди на среброто (филм, во овој случај 35 мм и фотохартија).

Аналогната фотографија подразбира употреба на филм (сребрена емулзија) кој кога доаѓа во допир со светлина (експозиција) се создава распаѓање на сребрените соли. На тој начин се добива слика која не е видлива и се нарекува негатив. Ако негативот го ставиме на фотохартија и го осветлиме се добива невидлива слика која во развивач станува позитив, соодветен на реалноста.

Учесниците на оваа работилница ќе имаат можност да се запознаат со сите етапи кои се дел од процесот на изработка на аналогна фотографија. Работата на учесниците ќе се одвива во два термини и групи кои претходно ќе бидат утврдени првиот ден од работилницата, 19.11.2015 (четврток).

По завршувањето на работилницата ќе следува изложба со фотографиите кои учесниците ќе ги направат за време на работилницата.

Аплицирање 

Сите заинтересирани можат да се пријават преку испраќање на кратко мотивационо писмо, пополнета апликација, заедно со 3 сопствени фотографии (дигитални или аналогни) кои најдобро го преставувуваат досегашниот стил на работа. За учество во работилницата задолжително е сите учесници да поседуваат аналоген фотоапарат (35мм). „Кула“ ги обезбедува сите останати материјали за работа.

За учество во работилницата не е потребно претходно искуство во оваа област. Ментори се Сашо. Н. Алушевски, Наташа Неделкова, Амир Карахасан.

Бројот на учесници во работилницата е ограничен.

Работилницата е подржана од Холандската Амбасада во Скопје.

Повеќе информации можете да добиете на workshop@ku-la.org или на 078 632 123



Врати се горе ↑