Настани writing

13 октомври, 2015

Работилница по стилски вежби за пишување‏

На 23 oктомври започнува петседмичната работилница по стилски вежби за пишување кај „DjolevAndArts“. Работилницатa ќе се одвива под менторство на Елена Пренџова.

Уписите се во тек.

Работилницата е предвидена за сите креативци со основни предзнаења од областа на книжевноста. Не се очекува исклучителен талент за пишување, колку желба и афинитет кон пишувањето, читањето и книжевноста воопшто. Работилницата има за цел да ги запознае посетителите со неколкуте книжевни техники кои ги применувале надреалистите и, поттикнувајќи им ја креативноста, да ги носочи и да ги охрабри да го искористат својот креативен капацитет во креирање авторски текст напишан според соодветна задача по форма.

На работилницата, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основните начела на надреализмот и преку примери од соодветни дела ќе им бидат презентирани главните претставници. На крајот од работилницата, се очекува учесниците да бидат подготвени да ги објават јавно своите авторски дела, затоа што како финален производ на работилницата предвидено е публикување книга, односно заеднички зборник текстови.

ПРОГРАМА:
Еден час се состои од:
20 мин. – интерактивно запознавање со темата
80 мин. – индивидуално и тимско креативно пишување
10 мин. – пауза
20 мин. – уредување и анализирање на авторските текстови
5 часа | 5 седмици | + Промоција
I.
Exquisite corpse (Cadavre exquis) техника: „Исклучителен труп“
II.
Cut – up technique – Техника на сецкање
III.
Колаж
IV.
Ехо – песна
V.
Калиграм
VI.
Промоција на заедничка книга / зборник
Повеќе информации можете да најдете на:
www.djolev.com
www.djolev.com/files/Writing.pdf

Инаку, Елена Пренџова е дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност и магистрантка по филолошки науки. Како поетеса во јавноста е присутна една деценија. Авторка е на шест книги поезија и уредничка на една антологија на млади македонски поети. Четири од нејзините книги се наградени со национални награди: наградата „Бели мугри“ за збирката поезија „Пораки од морето“ во 2011 година, „Македонска книжевна авангарда“ за книгата „Живот под ѕвездите“ во 2012 година, награда „Караманов 2014“ за „Љубољубна“, кои се доделуваат на млади поети до 35 години и „Даница Ручигај“ за најдобра поетска книга на авторка- членка на Друштвото на писатели на Македонија.

Учесничка е на многу поетски фестивали во земјата и во странство, од кои повеќекратно посетуван ѝ е „Струшките вечери на поезијата“. Последниве неколку години активно се залага за промовирање на слем поезијата во нашата земја и организира слем натпревари низ Македонија. Во нејзината слем-биографија стои следново: „Слемерка. Феминистка. Лилитка. Скопјанка која најмалку дружи со скопјани. Политички коректна и искрено незаинтересирана за политика. Не сака да ја прашуваат каде оди, а уште помалку да објаснува зошто не кажува каде оди. Најдобро ѝ прилега сопствената кожа – па дури и одрана“.



Врати се горе ↑