Балкан

29 ноември, 2018

Прво доделување на регионални музички признанија

Во организација и продукција на најголемата регионална продукциска куќа „Скајмјузик“ (Skymusic), на 29 јануари во арената „Штарк“ во Белград ќе се одржи музички спектакл каков сè уште не е виден во овој дел на Европа. Дел од церемонијата на доделувањето на првите регионални музички признанија „Уауеј мјузик авордс серемони“ (Huawei Music Awards Ceremony – MAC) ќе бидат најголемите ѕвезди од Србија, Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Во рамките на програмата што ќе трае повеќе од четири часа, на неколку поврзани бини ќе се појават повеќе од 60 познати личности од регионот. Публиката ќе ужива во спектакуларните настапи осмислени и режирани специјално за оваа пригода. Ќе бидат доделени 25 музички признанија за најдобри изведувачи, нумери од различни жанрови, музички видеа, сценски настапи…

На манифестацијата се очекуваат преку 200 познати личности кои ќе прошетаат по црвениот килим, а на церемонијата на доделување на музичките признанија ќе присуствуваат 15.000 посетители. Единствениот целовечерен забавно–музички настан директно ќе се пренесува на телевизиските станици со национална фреквенција во земјите од регионот. Настанот ќе биде продукциски и телевизиски најсложен потфат кога било изведен на нашите простори, организиран по највисоки светски продукциски стандарди.

Употребата на најновите аудио и визуелни технологии, подвижни екрани и сценографии, иновативен концепт на осветлување, најсовремени трендови на концертна техничка продукција – сето она по што „Скајмјузик“ ја зазема лидерската позиција во регионот, на церемонијата на доделувањето на музичките признанија ќе биде подигнато на највисоко ниво.

Изведувачите и музичките нумери за доделувањето на признанијата „Уауеј“ ги номинираат радиостаниците. Гласачите од сите земји од регионот ќе имаат можност да гласаат за своите фаворити преку интернет-страницата www.musicawardsceremony.com, а на Фејсбук и Инстаграм ќе можат да ги следат најновите вести и занимливости поврзани со манифестацијата што ќе биде врвот на досегашната работа на продукциската куќа „Скајмјузик“, која зад себе има дводецениско искуство во техничка продукција на најголемите регионални музички настани.



Врати се горе ↑