26 мај, 2015

Прво доделување на македонските алтернативни награди – „М.А.Н. 2015“

На 30 мај, на Школката во Градскиот парк во Скопје ќе се доделат првите македонски алтернативни награди – „М.А.Н. 2015“, во чии рамки 33 бендови ќе бидат наградени за особен придонес во развојот на македонската алтернативна музика, а ќе настапат повеќе од 50 македонски групи.

Со настап во живо, ќе нè почестат дел од наградените изведувачи: Гиш (La Colonie Volvox), „Верка“, „К.У.Р.“, „Ласт експедишн“, „Лоши деца“, Џака Накот, „Конкеринг лајон“, „Санаториум“ и „Чиста околина“. Овие награди музички ќе бидат збогатени од следниве бендови, артисти и диџеи: „Хроматик поинт“, „Бета хаус“, „Авторизација“ (Велес), „Шинтер“, „Брука бенд“, „Фуснота“, „Проџект 2501“, „Автор“ (Охрид), „Каин“ (Кичево), „Барбарела“, диџеј Димитри ЈеЈа, „ОфПоп“ и други.

Манифестацијата е планирана да започне од 12.00 часот и сè до 16 часот сцената ќе зрачи со звуците на македонски реге диџеи и селектори. Потоа на сцената ќе се појават и бендовите кои ќе дадат поддршка со нивните настапи. Во 18.00 часот ќе започне и официјалниот дел од доделувањето на наградите. Водител на манифестацијата ќе биде долгогодишниот познавач на македонската алтернативна музика, господинот Јово Брамс. Доделувањето на наградите ќе трае до 00.00 часот, а потоа афтерпартито се сели на градската плажа во Парк до раните утрински часови каде што ќе ве забавуваат македонски диџеи со дабстеп, хаус, електронска и транс музика.

На оваа забавна наградна манифестација може да очекувате одлични изданија во живо, ред заблагодарување, ред почит, два реда достоинство, три реда гордост и до недоглед музика. За алтернативните луѓе и сите оние кои ќе ја посетат оваа манифестација, можат да си ја изгасат жедта за евтини пари на штандовите за продажба на пијалоци или да си купат цедеа, маици и друга роба од македонските алтернативни изведувачи, порачуваат организаторите.



Врати се горе ↑