26 јануари, 2016

Првенчето на Маид Хеќимовиќ е комплетно македонски производ!

Третопласираниот финалист во првата сезона на регионалниот „Х фактор“, босанскиот фаворит Маид Хеќимовиќ конечно ја претстави својата прва песна насловена „Док он те љуби“. Со оглед на тоа што пејачот своевремено откри дека една од главните причини што го натерале да се пријави на „Х фактор“ е токму македонската публика, воопшто не нè чуди што за својот прв сингл соработуваше со македонска екипа. Имено, како автори на музиката и текстот се потпишуваат нашите Магдалена и Лазар Цветкоски, а екранизацијата за песната ја изработи битолчанецот Дарио Јанковиќ.

„Драги пријатели, ви го претставувам мојот прв сингл и спот ’Док он те љуби’! Долго го чекав овој ден и еве конечно дојде! Се надевам дека со овој потег ќе добијам уште повеќе почитувачи и дека нема да ги разочарам старите! Им благодарам на сите кои веруваа во мене од самиот почеток и ми даваа несебична поддршка! Уживајте барем пола од тоа колку што уживав јас пеејќи ја песната и снимајќи го спотот!“, напиша Маид споделувајќи ја песната на социјалните мрежи, а своето воодушевување не го крие ни Ена.

„Задоволство е да се работи со ваков артист, пејач… Ти посакувам успешна кариера, многу песни, албуми и концерти…“, додаде Цветкоска, а како звучи и изгледа првенчето на Маид можете да погледнете горе. Уживајте!

 



Врати се горе ↑