Свет ep

9 јануари, 2015

Првата песна на Елвис Пресли продадена за 300.000 долари

Плочата на која се наоѓа баладата „My Happiness“, првата песна која Елвис ја снимил воопшто, била продадена за 300.000 долари на аукцијата  организирана по повод одбележувањето 80 години од раѓањето на кралот на рокенролот. Исто така, продадена била и марамата која Пресли ја носел на концертите, златниот ланец со ознаката „TBC“, што е кратенка од „Taking Care of Business“, како и специјално за него направените очила и неговата прва возачка дозвола.

Сакајќи да слушне како звучи на снимка, на 18 јули 1953 година Елвис ја снимил оваа песна во студиото на „Сан рекордс“ во Мемфис. За снимањето на песната, Пресли тогаш платил само четири долари. Меѓутоа, бидејќи семејството Пресли тогаш немало грамофон, плочата ја оставиле во „Сан рекордс“, а потоа завршила во рацете на Ед Лик, кој ја чувал шест децении. Откако тој и неговата сопруга починале, плочата ја наследила нивната внука Лориса Хилбурн, која ја понудила на неодамнешната аукција. Таа изјавила дека не очекувала толку голем интерес за плочата и дека ќе биде продадена по толку висока цена.

Пред аукцијата, фановите на Елвис сечеле торта, а на церемонијата за одбележувањето на годишнината присуствувале и неговата сопруга Присила Пресли и ќерката Лиза Мари Пресли.

 

Кралот на рокенролот (8 јануари 1935 – 16 август 1977) играл и во бројни музички филмови, чии насловни песни редовно станувале хитови. Во периодот од 1957 до 1966 година се наоѓал на листата од 10 најкомерцијални американски актери. Се појавил во 33 филмови (31 во кои има главна улога и 2 документарни концертни филмови), а по неговата смрт се снимени бројни филмови за неговиот живот. Последниот биографски филм „Elvis“ беше претставен во 2005 година, во кој главната улога ја одигра актерот Џонатан Рис Мејерс, а според последните најави во 2013 година, во план е екранизација на биографијата „Последниот воз за Мемфис“ (Last Train To Memphis), врз основа на истоимената биографска книга од Питер Гуралник, која ја истражува неговата животна страст за музика од блуз и госпел до Бинг Крозби и Марио Ланца, неговата приврзаност за семејството, неговите интимни врски и „мистичната вера“ која Пресли ја имаше во неговата музика

Легендарниот музичар за дваесетина години кариера објавил 97 плочи, а на врвовите на топ листите поминал дури 996 недели. За крај уживајте со специјалната емисија и враќањето на сцената во 1968 година.



Врати се горе ↑