Настани

21 февруари, 2018

Првата дама на светската техно-сцена, Нина Кравиц на „Грин бич фестивал“

Деветта година по ред, „Грин бич фестивал“ (GREEN BEACH FESTIVAL) продолжува да се одржува со импозантни хедлајнери од глобалната електронска сцена, кои гостуваат кај нас во врвот од својата кариера и со кои овој настан прерасна во синоним за најквалитетно електронско доживување. Ова лето, „Грин бич фестивал“ ќе се одржи на 27 јули, а публиката на фестивалот ќе има привилегија да го погледне премиерниот настап во Македонија на најпопуларната дама на светската електронска сценапрогласена и за најдобар диџеј за 2017 година  – НИНА КРАВИЦ! Сибирската техно-дива е позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови со музика која многумина не би се осудиле да ја „вртат“, а во изминатата година имаше и завршни сетови на одбрани фестивали за кои потоа зборуваше цела планета. Таа важи за една од најхаризматичните личности на електронската сцена, а нејзините настапи се прочуени по уникатното и интензивно  чувство со кое ја восхитува публиката.

 

Единствениот музички сензибилитет и музичкото образование со бескомпромисен пристап кон уметноста, како и искрениот однос кон публиката, ја позиционираа Нина Кравиц како хедлајнер на водечките светски фестивали, меѓу кои и „Коачела“, „Амстерфам денс ивент“, „Ауејкенингс“, „Сонар“, „Егзит“, „Тајмворп“, „Мутек“ и многу други. Посебно се издвојуваат нејзините резидент-настапи на престижните журки на Ричи Хотин„ЕНТЕР“ на Ибица, како и редовните настапи во најголемите европски клубови како што се „Конкрет“ во Париз, „Нитса“ во Барселона, „Фабрик“ во Лондон или „Бергхаин“ во Берлин. Од 2016 година, секој втор четврток во месецот, Нина има и престижна резидентура на „Би-би-си Радио 1“, а популарноста на нејзината издавачка куќа „трип“, предизвика вистинска инвазија на свежи и исклучително квалитетни продуценти на европската сцена во последните две години. Во 2017 година таа се закити и со признанието од страна на еден од водечките светски магазини за електронска музика Миксмаг кој ја постави на самиот врв од листата за најдобри диџеи на годината, во која пак Нина несомнено владееше со своите настапи ширум светот. И восхитува фактот дека со секој нов освоен врв во нејзината кариера, Нина Кравиц станува и сѐ повеќе раскошна во нејзиниот музички израз, а нејзините сетови сѐ поуникатни од било што друго на сцената.

Кравиц е родена и пораснала во сибирскиот град Иркутск, а љубовта кон музиката и плочите ја наследила од нејзиниот татко кој слушал џез и психоделичен рок. За време на ’90-тите, таа го открива ејсид-хаус звукот и набргу ја започнува емисијата на локалното радио посветена на електронската музика. Селидбата во Москва и новинарската работа во музичкото списание „Птуч“, како и подоцнежното работење во организирање на техно журки, ќе ѝ донесат подобар увид во светските електронски текови, а нејзината импресивна колекција на плочи постојано расте. Набргу стигнува и повикот да ја организира програмата во петок навечер, во водечкиот руски клуб „Пропаганда“, која за кратко време прераснува во најважната техно и хаус вечер во Москва. Благодарение на истенчениот вкус на Нина, престолнината на Русија ја посетуваат самите икони на електронската сцена како што се Тео Париш, Мајк Хакаби, „Доплерефект“, Хуан Аткинс и бројни други. Музички исклучително образована, Нина вредно работи во студиото и набргу го објавува својот деби сингл „Voices“, по кој следува исклучително успешното ЕП „Pain in The Ass“. На тој макси-сингл се наоѓаат и култните нумери „I’m Gonna Get You“ и „Ghetto Kraviz. Еден од клучните моменти во кариерата е секако и снимањето на миксот за легендарната серија „Диџеј Кикс“ (DJ Kicks), кој критиката го прогласи за еден од најдобрите, рамо до рамо со имињата како што се Карл Крег, Тига или Џон Талабот.

 

На 27 јули, во врвот од нејзината кариера, најзначајната техно-дама на денешницата конечно гостува за првпат во Македонија, со настап на „Грин бич фестивал“! Наскоро ќе бидат објавени повеќе информации за настанот, продажбата на билетите и новата локација на струшко-охридското крајбрежје за деветтиот „Грин бич фестивал“!



Врати се горе ↑