Концерт

14 мај, 2019

Прв самостоен концерт на „Брука“ на 28 мај во МКЦ

Македонската реге/рага/ска/рап-екипа „Брука“ минатата година го промовираше своето првенче насловено „До преѓе“, а материјалот ќе биде и концертно претставен на 28 мај во МКЦ. На изданието се сместени вкупно 10 песни, вклучувајќи ја насловната тема и „Кривина“, чие видео беше претставено неодамна.

„Ние од наша страна ќе подготвиме двочасовно, музичко, автохтоно, македонско реге, позитивна вибрација и многу изненадувања, од вас се очекува да дојдете и да уживате во звукот и атмосферата на единствената група БРУКА, која ќе се претстави во полн состав: два вокали, гитара, бас, тапани, перкусии, клавијатури, труба, алт-сакс, тенор-сакс, тромбон, ќе се свират песните од нашиот прв албум, но и некои нови од престојниот втор кои се во процес на создавање. Секако дека ќе има и поддршка од неколку диџеи, како и специјални гости музичари кои биле и се дел од ова наше битисување“, порачуваат музичарите, а билетите се веќе пуштени во претпродажба во билетарницата на МКЦ по цена од 200 денари, додека на самиот ден на концертот ќе изнесуваат 300 денари.

Како загревање за претстојниот концерт, албумот деновиве беше објавен и на Јутјуб, а во продажба е и како цеде по промотивна цена од 100 денари.

Музиката е на јадрото на бендот: Дарко Масларковски (вокал), Жарко Масларковски (вокал), Љубиша Симоновски (тапани), Александар Савовски (гитара), Валентин Видовиќ (алт и тенор-сакс), Зоран Велковски (бас-гитара). Аранжманите се на бендот, додека текстовите ги потпишуваат Дарко и Жарко. Албумот е сниман во студиото „Алшар“ на Ивица Јанкуловски – Штраф, кој се потпишува како продуцент, како и микс и мастер на композициите. Во албумот ќе слушнете весели мелодии, реге-грув, хумористични и саркастични лирики со широка тематика која го опишува и исмева животот и ситуации типични за Македонија.

Во снимањето на албумот освен јадрото учество зедоа и: Антонио Насевски (канон, Црногорска филхармонија) – клавијатури, Димитрија Митровски (Пука козметика) – диџеј, Маријан Петровски (Стил темпл) на бас-гитара, Бранко Илиевски (Суперхикс, Македонска филхармонија) на тромбон, Александар Илиевски – Шајо (Конкеринг лајон, Градски оркерстар) на труба, Арсо Јаневски – Раста (Тумбао салса бенд) на перкусии.

 

„Брука“ досега има свирено на многу познати и признати фестивали, манифестации и забави, а би ги издвоиле: „Пиволенд“ (Прилеп), Демофест“ (Бања Лука), Д фестивал (Дојран), МАН – Македонски алтернативни награди, Боб Марли Б-ДЕЈ, „Рајз енд шајн реге-фестивал“ (Штип), плоштад Прилеп (новогодишна забава), „Лузер-фест“, „Коноп-фест“ многу други.

„Во гаража веќе се работи на следниот албум, за кој се надеваме да не чекаме повторно 4 години и да излезе во 2019 година“, велат од бендот.



Врати се горе ↑