Свет

29 јануари, 2019

Протече списокот со победници на „Греми 2019“, организаторите го демантираат

Хитот „I Like It“ на Карди Би ќе победи во категоријата снимка на годината, а „Shallow“ на Лејди Гага и Бредли Купер ќе биде прогласена за песна на годината според наводниот список со победници на претстојното доделување на музичките награди Греми, кој деновиве се појави на Интернет. Сепак, организаторите ја демантираат веродостојноста на протечениот список и нагласуваат дека победниците нема да бидат познати до самиот ден на настанот.

„Резултатите од гласањето не се споделуваат дури ни со членовите на Академијата сè до денот на доделувањето, кога имињата на добитниците ќе пристигнат во запечатени пликови од (независната сметководствена фирма) ’Делојт’“, соопштија организаторите.

Протечениот список со добитници се појави неполни две недели пред одржувањето на церемонијата, која е закажана за 10 февруари во Лос Анџелес. Номинациите беа објавени во декември, а потенцијални добитници на најмногу статуетки годинава се Кендрик Ламар и Дрејк, кои се во трка за 8 и 7 награди.

Водителка на настанот ќе биде Алиша Киз, а меѓу досега потврдените изведувачи што ќе настапат во центарот „Стејплс“ се: Мајли Сајрус, Камила Кабејо, Карди Би, Бренди Карлајл, Шон Мендес, Пост Малоун, „Ред хот чили пеперс“, Кејси Масгрејвс и Џанел Моне, додека повеќе имиња се очекуваат деновиве.

 



Врати се горе ↑