Концерт

21 септември, 2017

Проширени капацитетите за концертот на Ник Кејв во Белград

Концертот на Ник Кејв и неговиот бенд „Бед сидс“, кој ќе се одржи на 28 октомври во белградската „Комбанк арена“, е најдобро продаваниот од целата светска турнеја. Иако останаа нешто повеќе од месец дена до концертот, целиот планиран капацитет е распродаден, а заради исклучително големиот интерес и барање од бројни обожаватели кои останале без влезници, капацитетот се проширува на горната трибина (ниво 400), соопштија организаторите.

Влезниците за ниво 400 се веќе пуштени во продажба на сите продажни места на „Евентим“, а кај нас можат да се набават преку „Купи карти за сè“, каде што се во пакет-аранжман со превоз.

Легендарниот музичар со својот бенд ќе одржи концерт во рамките на својата светска турнеја, на која го претставува материјалот од албумот „Skeleton Tree“, кој се најде на првите позиции на бројни светски листи за слушаност, додека „Гардијан“ му даде пет ѕвезди, опишувајќи го како „ремек дело на љубовта и разорувањето“.

Претходниот настап на Кејв и неговиот бенд во Белград беше прогласен за најдобар концерт за 2008 година во Србија, а воедно и еден од најдолгите концерти на овој музичар, кој траел речиси 150 минути. Ник Кејв доаѓа во Белград со својот долгогодишен соработник, текстописецот Ворен Елис, како и со бендот составен од Мартин Кејси, Томас Вајдлер, Џим Склавунос, Конвеј Севиџ, Џорџ Вјештица и Лери Мулинс.



Врати се горе ↑