Настани promocija 2

15 мај, 2015

Промовирана антологијата „Светиот пат“ на Раде Силјан

Во рамките на јубилејната 16. Литературна манифестација „Илинден 2015“, во Домот на културата „Илинден“, во присуство на голем број писатели, љубители на пишаниот збор, меѓу кои и градоначалникот Жика Стојановски, промовирана е антологијата „Светиот пат“ на нашиот познат писател Раде Силјан.

За авторот и за значењето на оваа дело промотивна реч имаа проф. д-р Стефан Влахов Мицов и Паскал Гилевски, кои го потенцираа  значењето на самата антологија, богатството и тежината на оваа дело кое е од исклучително значење за книжевната и издавачка дејност за целиот регион. Единствена антологија на овие простори којашто ги опфаќа најзвучните поетски имиња на XIX и XX век како и современата поезија од XXI век.

„Во книгата пристапив со многу емоции со многу љубов и посветеност. Оваа книга започнав да ја  работам во периодот кога бев уредник во македонско радио уредувајќи поезија од македонски, балкански, европски и светски автори. Така го започнав моето патешествие во подигнувањето на оваа антологија, збирка – книга, која според мене ќе пополни одреден простор во нашето издаваштво. Ја почнав во времето кога на Балканот постоеја шест држави, а ја завршив денес кога на балканот има дванаесет држави. И не случајно ја одбрав оваа општина за место каде ќе се промовира оваа моја антологија, бидејќи таа го носи едно од најславните имиња во Македонија – ’Илинден’“, изјави  Раде Силјан за време на обраќањето до присутните.

Во антологијата „Светиот пат“ застапени се двесте и шест автори од дванаесетте балкански држави: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Романија, Словенија, Србија, Хрватска, Турција и Црна Гора. За време на промоцијата со свои стихови се преставија повеќемина реномирани македонски автори застапени во антологијата, како Иван Чаповски, Гордана Михаилова Бошњаковска, Ефтим Клетников, Веле Смилевски, Ристо Лазаров и Санде Стојчевски.

На присутните стиховите од балканските автори им ги пренесе Антонио Павловски. Во знак на благодарност за безрезервната подршка за развојот на културата и нејзина промоција, првиот примерок од антологијата „Светиот пат“ на Раде Силјан му го подари на градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.

Денеска, 15 мај, програмата е богата и голем дел од неа е наменет за анимација на децата и младите. Започнувајќи од 12 часот ќе се случува литературното матине за деца во кое ќе настапуваат истакнати македонски писатели за деца и млади. Ќе се посетуваат и училиштата во општина Илинден, како и доделување на награди и пофалници за најуспешните поетски творби пристигнати на литературниот конкурс распишан од општина Илинден.

Во 19 часот започнува поетскиот митинг „Стихови за душата“, на кој свое обраќање ќе има м-р Жика Стојановски, градоначалник на општина Илинден. На свеченото отворање свои обраќања ќе имаат и Веле Смилевски, претседател на ДПМ, како и настап на дваесет и пет писатели од Македонија и од балканските држави.

Вечерта ќе заврши со доделување на благодарници и признанија.

Брендираниот автобус „63“ за вечерашнава програма тргнува од порта „Македонија“, во 18 часот.

 



Врати се горе ↑