3 април, 2013

Промотивен клип за новиот албум на Мајкл Бубле

Во промотивниот клип за претстојниот нов албум „To Be Loved“, закажан за 23-ти април, Мајкл Бубле смело тврди дека „луѓето ќе полудат по ова издание“, а потоа завива како волк! Шармантниот канадски пејач вели: „Не започнав со снимање на албумот со помислата дека треба да бидам генијален. Едноставно започнав со надеж дека ќе можам да составам список на песни во кои бев апсолутно вљубен.“

Познато е дека неговиот осми студиски албум „To Be Loved“ е целосно продуциран од неговиот долгогодишен соработник Боб Рок, а на него, покрај обработките на познати евергрини (меѓу кои и дуетот со актерката Риз Витерспун), ќе се најдат и четири нови оригинални песни, чиј коавтор е самиот Бубле. Што се однесува на инспирацијата за новиот материјал на Бубле, најголемо влијание имала неговата сопруга Луисана Лопилато, со која го очекуваат нивното прво дете: „Многу работи се променија откако дознав дека ќе имам дете“ – вели Бубле во промотивното видео, додавајќи: „Приоритетите едноставно се менуваат… Чувството е одлично!“

Веќе имавме можност да го видиме и видео записот за првиот сингл од овој албум, а тоа беше „највеселата химна на раскинувањето“ – „It’s a Beautiful Day“, по која Бубле претстави и мал дел од следното музичко парче насловено „You Make Me Feel So Young“, кој можете да го слушнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑