Промоции

28 март, 2018

Промоција на новата книга на Лара Прокопиева

Новата книга есеи „ПАТУВАЊА… ПАТОПИСИ… КНИГИ…“ на Лара Прокопиева, во издание на издавачката куќа „Авант прес“ од Скопје, ќе биде промовирана утре, 29 март 2018 година, во кафе-книжарницата „Магор“ со почеток од 20.00 часот. За книгата ќе говори Соња Стојменска-Елзесер.

Темата на оваа книга е истражувањето на жанрот патопис низ четири конкретни патописни дела. Преку нивна анализа се покажува неговата креативна адаптабилност, од една страна – преку средбата на индивидуалниот автор со новите културолошки и егзистенцијални сознанија, а од друга – преку преплетувања на две разнородни култури.

Патописот е книжевно-хибриден жанр преку кој авторот ни’ пренесува една подетална слика за градовите, земјите и за народите што ги посетил додека патувал и на тој начин ние ги запознаваме и подобро ги разбираме нивните различни карактеристики, традиции и обичаи.

Низ историјата, патописот како книжевен жанр доживува значителни промени во формата, но и во самата суштина, што настануваат како последица на историскиот, општествениот и на културниот контекст во којшто дејствува авторот, односно, мора да се нагласи дека патописот не претставува само документарен приказ на едно место или патување, туку тој е книжевно дело и, како такво, тоа во себе ги содржи и уметничко-емотивната и субјективната состојба на авторот во периодот на создавањето. Токму таа врска меѓу субјективното доживување и историскиот документ е тоа што нè фасцинира и привлече да пишуваме за патописот, бидејќи кај него таа граница осцилира пред сè под влијание на поетичкиот и индивидуалниот свет на авторот, како и под влијание на историско-општествените и географски околности со кои тој се соочува на патувањето. Авторот ќе се обиде корелацијата меѓу овие елементи подетално да ја обработи преку четирите патописи што ги избра за обработка: „Патување низ Италија“ од германскиот писател Јохан Волфганг фон Гете, „Зима во Мајорка“ на истакнатата француска романсиерка Жорж Санд, „Писма од Норвешка“ на српската писателка и модернистка Исидора Секулиќ, и „Дневниците на мотоциклистот“ на аргентинскиот марксистички револуционер и писател Ернесто Че Гевара.

Д-р Соња Стојменска-Елзесер за книгата ќе издвои:

„Книгата есеи ’Патувања… Патописи… Книги…’ од Лара Прокопиева преставува прецизно и методолошки кохерентно истражување, кое произлезува од изразениот афинитет на авторот кон патописот како поопшта креативно-практична културолошка појава, а во тие рамки, особено кон книжевно-уметничкиот патопис. Целото свое истражување таа го заокружува со една оптимистичка претпоставка дека книжевниот патопис никогаш нема да ја изгуби својата популарност и дека и покрај настапот на нови медиуми и покрај модификациите на патувањата во масовен или друг вид туризам, класичната форма на патописот, кој во уметничка форма ја преточува специфичната практика на патувањето, секогаш ќе има свои приврзаници и меѓу писателите и меѓу читателите. Авторот покажува избалансиран однос на своите книжевно-историски и теоретски сознанија со критичко-културолошката анализа, преку која лесно ги минува границите меѓу различните дисциплини, најчесто наоѓајќи се во сферата на литературата, но исто така стапнувајќи и на теренот на архитектурата, историјата на уметноста, музиката, филмот, социологијата, митологијата, па и на политикологијата и сферата на човековите права и слободи.“

Лара Прокопиева (1989, Скопје), е магистер по културолошки студии. Објавила есеи и стручни текстови во интернационални и домашни списанија. Активно преведува од шпански и англиски јазик.



Врати се горе ↑