Промоции

26 декември, 2017

Промоција на новата книга на Игор Џамазов – „Улица Диши длабоко“

Промоцијата на најновата книга на Игор Џамазов насловена „Улица Диши длабоко“ ќе се одржи в среда (27 декември) во ресторанот „Вип база“ со почеток од 19 часот.

„Улица Диши длабоко“ е збирка од најпознатите песни напишани или изведени од Игор Џамбазов. Покрај незаборавните блуз-стихови, во неа се опфатени и забавните описи за инспирацијата и процесот на нивното настанување, како и општествените (не)прилики, интимните исповеди и сите негови (не)згоди и пороци.

Во продолжение, ова е предговорот напишан од Џамбазов на кој ќе наиде читателот на „Улица Диши длабоко“:

Што да напише човек за стиховите што веќе ги напишал?
Што повеќе да каже од она што веќе го кажал во нив?

Како почна сето ова?

Некаде во моите рани тинејџерски години, татко ми, големиот „маестро“ Џамбазов, тогаш сè уште активен како композитор и аранжер, постојано учествуваше на конкурсите за големите фестивали кои во тоа време ги имаше во секој поголем град од тогашната федерација и сè повеќе имаше потреба од добри текстови за своите композиции. А текстописци имаше сè помалку и помалку.

И еден ден… реши да ми даде шанса.
А јас… не ја пропуштив.

Оттогаш наваму напишав илјадници стихови. За сè и сешто.

За детски композиции, театарски сонгови, стихови за моите колеги-актери, за рекламни кампањи, радио­реклами, новогодишни претстави, текстови за „народњаци“, рокери, текстовите за сонговите од легендарна­та претстава „Женски оркестар“, а во последните два­есет и пет години стихови за моите песни, за мојот блуз-бенд, како и за најголемите поп-пејачи и групи на на­шево музичко небо. За „Нокаут“, Тамара, Тијана, Каролина, Ребека, Калиопи, Елена, но и за многу млади и сè уште неафирмирани пејачи.

Пријателе мој.

Во оваа книга ќе најдеш стихови кои навистина успеале да опстанат во ова време во кое инвазијата од кичот и шундот достигна кулминација.

Ќе најдеш „хитови“ кои публиката и денес ги пее наизуст на моите концерти, но ќе најдеш и за тебе наполно непознати текстови кои се нашле тука само затоа што ми се мене посебно драги. На крајот, ќе најдеш и некои стихови кои јас нескромно ги сместувам во графата – „поезија“.

Кога почнав да ја подготвувам оваа книга сфатив дека повеќето од насловите на моите песни личат на улични графити.

Затоа и ја нареков книгата вака – „Улица Диши длабоко“.

Е па, пријателе мој, читај… и диши длабоко.

Извор и фотографија: Макфакс



Врати се горе ↑