Промоции

22 декември, 2017

Промоција на „Мини-прирачник за поезија“ од Пренџова

Во вторник, 26 декември, во 20.30 ч. во кино салата на Кинотека на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Мини-прирачник за поезија“ на поетесата, слемерка и препејувачка Елена Пренџова. 

„Мини-прирачник за поезија“ е седма по ред книга на авторката и прва книга есеи по претходно објавените збирки поезија.

Уште кога почнав да пишувам и кога не ни бев свесна за позивот – поет/поетеса, а не па дека и јас ќе ја следам таа патека, пишувам исклучиво поезија, со многу малку авантуристички подвизи во некои други жанрови. Ова е моја прва објавена книга која не е збирка поезија. Сепак, врската со поезијата е очигледна, затоа што оваа книга претставува збирка размисли и ставови за поезијата и актуелната поетска сцена.

Чувствувам дека една ваква збирка си должев себеси по многуте експериментирања и истражувања во различните поетски стилови. Неизмерна ми е радоста што ’Мини-прирачникот за поезија’ излезе од печат токму една деценија од објавувањето на мојата прва збирка поезија и воедно прва книга воопшто во 2007 година“, изјави авторката, која инаку е и магистерка по книжевни науки.

Книгата содржи десет есеи обајвени во периодиката, презентирани на поетски средби и фестивали, но и претходно необјавени текстови. Рецензент на книгата, воедно и промотор, е проф. д-р Иван Џепароски. Модераторка на вечерта ќе биде новинарката и радио водителка Христина Ѓорѓиевска. Книгата е објавена со помош на иницијативата на групно финансирање која авторката го започна лани.



Врати се горе ↑