Настани

11 јули, 2018

Промоција на книга за Скопје и Македонија од малтешки автор на „Скопско лето“

Во петок, на 13 јули, во 11 часот, во градската кафеана „Пелистер“, како дел од програмата на „Скопско лето“, во присуство на поетот, ќе се одржи промоција на поетската збирка „Скопски блуз и други песни од Македонија“ од малтешкиот автор Имануел Мифсуд. Поезијата на Мифсуд е во препев на поетесата Елена Пренџова, а за книгата ќе говори писателот и хроничар на Скопје, Данило Коцевски.

Имануел Мифсуд е прозаист, поет, драмски писател и преведувач, еден од најнаградуваните малтешки автори во својата земја и во странство. Неговиот роман „Во името на Таткото (и Синот)“ ја освои Наградата за литература на Европската Унија во 2011 година. Овој роман беше преведен на македонски и објавен во Македонија во 2015 година. Во својата родна земја Мифсуд работи како универзитетски професор на Државниот универзитет и ги предава предметите малтешка книжевност и книжевна теорија.

Мифсуд ја посетил Македонија два пати, во септември 2014 и мај 2015. Тогаш ја пишува збирката поезија „Скопски блуз и други песни од Македонија“. Препејувачката за книгата ќе каже дека „не е обична збирка поезија инспирирана од Скопје и Македонија… [туку декапретставува поетски патепис за нашата земја во кој се мапирани не само значајните места во главниот град и околината, туку и интимните доживувања и преживувања на поетот додека бил во посета на Македонија“. Според Пренџова, авторовото поетско освојување на нашата земја раѓа стихови преку кои скопјаните и скопјанките добиваат сосема поинаква перцепција за родното место. Пренџова ја карактеризира книгата како „географско-интимистичка карта на улиците по кои минуваме замижани, на градбите кои махинално ги одминуваме, за доживувањата што само ги животариме под вијание на животната рутина, на чувствата што ни се длабоко закопани поради потрагата по далечното егзотично“...

Промоторот Данило Коцевски го нарекува Мифсуд суптилен поет на градот“ кој ненаметливо и убедливо ги допира сите загатки на човековата егзистенција, понирајќи длабоко во нејзината сушност и сложената метафизичка димензијаСпоред Коцевски, поетот Мифсуд светот го гледа со очи на промислен, суптилен набљудувач кому не му е туѓа филозофската промисла, но таа е искажана со една префинета, длабоко преживена и сублимирана поетска реченицаСледствено, поезијата на Мифсуд не само што е стилски поинаква од останатите песни посветени и инспирирани од Скопје и Македонија, туку и нуди едно поинакво естетско чувство.

На промоцијата, присутните не само што ќе имаат можност да чујат од поезијата на Мисфуд на македонски, туку ќе имаат и можност да ги чујат стиховите во оригинал на малтешки и англиски, како и да позборуваат лично со авторот.

Издавањето на книгата „Скопски блуз и други песни од Македонија“ е помогнато од Министерството за култура.



Врати се горе ↑