Македонија

12 март, 2019

Промоција на книга за музиката во македонскиот игран филм

Вечерва, со почеток во 20 часот, во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“ на Александар Трајковски, вонреден професор на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, каде што го раководи Институтот за аудиовизуелни уметности. „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“ на Трајковски претставува прва пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм.

Истражувањата и анализите на Трајковски се дел од неговата докторска теза „Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година“, која ја одбранил во 2014 година на Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања, под менторство на Ганка Цветанова, која е и рецензентка на книгата. Книгата е во издание на Кинотеката на Македонија, а промоторка ќе биде Ганка Цветанова. Обраќање ќе имаат Владимир Ангелов, директор на кинотеката, и Илинденка Петрушева, уредничка на изданието.

Извор: Нова Македонија



Врати се горе ↑