Промоции DSC_7171

23 јуни, 2015

Промоција на книга на Ана Јовковска во Штип

Утре (24 јуни), во 19.30 часот во Домот на млади во Штип ќе се одржи една нетипична и жанровски разиграна промоција „На ТИ со Ана Јовковска во Штип“ на нејзината книга „ПУЛСОТ И ВРЕМЕТО“. Монографската збирка „ПУЛСОТ И ВРЕМЕТО“ на Ана Јовковска е повеќе од книга… тоа е ОПШТЕСТВЕНА СОВЕСТ! Огледало на секој од нас! Духот од Аладиновата ламба на едно време!

Низ огледална рефлексија со промоторот и рецензент Александар Прокопиев (писател и професор) Ана Јовковска (новинарка, тв водителка, активистка и хуманистка) за прв пат ќе одговара на прашања кои им ги поставувала на нејзините гости во ТВ проектот „ПУЛС“. Духовно и емотивно разголена, низ интерактивен однос со публиката, Јовковска ќе одговара и на прашања на штипската публика.

„Најубавиот дел од процесот е да учиш како на луѓето да им читаш од очите, наместо од зборовите и да им погледнеш длабоко зад зениците. Јас бев нивното огледало, а тие моето. Во секој разговор под телевизиските рефлектори, ги соголував пред нивните болки и пред општествените неправди, но се фаќав себе си уште поразголена и замислена“ – Ана Јовковска

Книгата „Пулсот и времето“ е креативна збирка на разговори со јавни личности, интелектуалци, писатели, актери, уметници, професори, дипломати и политичари. Рецензенти на книгата се: Ферид Мухиќ, Венко Андоновски, Никола Ристановски, Дејан Дуковски, Елизабета Шелева и Александар Прокопиев.

Наслов на книга: „Пулсот и времето“

Автор: Ана Јовковска

Издавач: Силсонс – читачки клуб при Матица македонска

Број на страни: 500

Книгата “Пулсот и времето“ е креативно разиграна монографска збирка од 50 интервјуа со афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и амбасадори. Книга која расветлува прашања од интердисциплинарен карактер, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината.

Културен документ на едно време!

Македонското општество во една декада!

Вивисекција на македонската интелектуална мисла!

 

Разговори…

меѓу интимното и општественото

меѓу болката и слободата

меѓу стравот и вистината

меѓу љубовта и политиката

меѓу јас и ДРУГИОТ…



Врати се горе ↑