Промоции 1013056_627806003898471_2143166325_n

24 јуни, 2013

Промоција на деби албумот на „Гоце Стевковски септет“

Во вторник, 25 јуни, „Гоце Стевковски септет“ – новиот музички проект на реномираниот македонски тапанар, ќе го промовира својот деби албум „7 stories“. Промоцијата на ова ново остварување на македонската џез сцена, ќе се одржи во клубот „Менада“, во Старата скопска чаршија со почеток во 21.00 часот.

Гоце Стевковски, низ годините се филтрира како еден од најистакнатите македонски тапанари и перкусионисти во Македонија. Запаметен по соработката со Кирил Џајковски, „Леб и сол“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Проект жлуст“, „ДНО“, Коџабашија, „Фолтин“, Бодан Арсовски и Езгија оркестра, Шаревски Квартет, Зоран Маџиров и останатите, Стевковски во 2013 година се издигнува на повисоко ниво компонирајќи го својот деби албум насловен „7 Stories“ заедно со повеќе етаблирани македонски музичари во проектот едноставно именуван „Гоце Стевковски септет“.

„7 Stories“ е плод на успешна соработка со Кире Кузманов, Иван Иванов, Трајко Велков, Дамир Имери, Сашко Николовски, Александар Икономов и Оскар Салас, кој се јавува како гостин на некои од темите. Албумот ќе биде објавен под етикетата на „Пасворд продакшн, а содржи седум авторски композиции на Стевковски, снимени во студиото „Чикен меднес“ од страна на Ален Хаџи-Стефанов. Истиот се потпишува и за миксот и мастерингот на албумот, додека за дизајнот на обвивката е одговорна Ника Гавровска.

Инаку, Стевковски досега учествувал на голем број интернационални фестивали како што се „Егзит“, „Пиво фест“ во Белград, „Грин фест“ во Инџија, Загреб, „Умбрија Џез“ во Белград, „Клузоне џез фестивал“ во Италија, Париз, Франција и други фестивали низ Европа, настапи во „Опера хаус“ во Канада, има соработувано на голем број на проекти и работилници, театарски претстави и музика за филмови.



Врати се горе ↑