Промоции ПОКАНА-1

17 септември, 2015

Промоција на албумот „Песни на вевчанската душа“

Музичкиот проект/албум „Песни на вевчанската душа“, кој е производ на повеќегогодишно теренско и творечко истражување на Марјан Јанкоски во Вевчани, ќе ја доживее својата промоција денеска (17 септември) со почеток од 19 часот во просториите на „Југотон“ (ГТЦ). На цедето се сместени десет вокално-инструментални композиции, испеани, мелографирани и аранжирани за голем камерен оркестар од страна на Марјан Јанкоски, идеен творец на целиот проект. Марјан Јанкоски во моментот работи како професор на Музичката академија при УГД Штип и предава на модулот за народни инструменти.

Целта на овој музички проект беше потребата за создавање на автентична музичка препознатливост и самоидентификација на вевчанскиот крај. Главни карактеристики кои го одликуваат овој музички проект се: посебност на пеаната мелодија типична за вевчанскиот крај сооригинална нагласеност на вевчанскиот акцент и говор, ритамот и истакнувањето на авторскиот пристап и музичката разработка како главна карактеристика и посебност на ова музичко дело.

Учесници во проектот се членовите на музичкиот состав „Портал“ (оформен од страна на Марјан Јанкоски во 2002 година) кој е составен исклучиво од професионални музичари: Марјан Јанкоски (вокал, кавал, гајда, хармоника), Ангеле Михајловски (пијано), Сашко Петрев (тамбура), Иле Колев (кларинет), Елена Владимирова (виолина), Драгана Трифуновиќ (виолина), Златко Панов (виола) и Стојанче Наумовски (виолончело), а како гости се јавуваат Ратко Даутовски (ударни инструменти) и Лазар Митев (хорна).

Издавач е „Ди-ди-кју продакшн“ (DDQ Production) од Скопје, а снимањето се одвиваше во студиото „Кларион“, исто така во Скопје.



Врати се горе ↑