Настани 01. We Cant Live Without Cosmos (2)

9 ноември, 2015

Прогласени победниците на „Анимакс Скопје фест“

Рускиот краток анимиран филм „Без космос не можеме да живееме“ (насловна фотографија) на авторот Константин Бронзит е овогодинешниот добитник за Златната Тула на меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“. Македонскиот автор Жарко Иванов ја доби втората награда за својот анимиран филм „Кружното патување на Марето“, додека Бронзената Тула ја доби естонскиот филм „Господарот“ на авторот Рихо Унт.

„Кружното патување на Марето“, Живко Иванов

Специјален осврт од страна на жири комисијата беше направен на анимираниот филм „Девојката што паѓа“ на македонскиот автор Владимир Лукаш. Оваа одлука ја донесе меѓународната жири комисија во состав Марчин Лучај од Полска, Берин Тузлиќ од Босна и Иван Ивановски од Македонија.

„Девојката што паѓа“, Владимир Лукаш

Претставник од градот Скопје во името на градоначалниот на Скопје додели специјална награда на шпанската авторка Диди Родан, која во саботата настапи во Кино Фросина, МКЦ, со својата премиерна изведба на перформансот во живо „Гнездо за тебе“, чиј уникатен настап беше проследен од полна сала публика

Анимираниот филм на Родан  „Песочна мајка“ беше во официјална конкуренција на минатогодишното фестивалско издание, а оваа година беше прикажан вон конкуренција. „Оттука произлезе идејата да му обрнеме посебно внимание на филмот и авторката. Градоначалникот на Град Скопје покажа особено разбирање и одлучи да и додели Специјална награда на Родан, која работи со оваа уникатна техника, која е предизвик за многу уметници“, вели Кузман Кузмановски, директор на Фестивалот.

Позната под прекарот „волшебни раце“, и „песочна волшебничка“, Диди Родан е прва и единствена жена уметник кој работи со оваа техника со песок во Шпанија. Станува збор за техника во која Диди комбинира неколку од своите уметнички интереси: театар, музика, и се разбира, цртање. Откако започнала да работи на овој начин, таа минува часови затворена во темна соба, обликувајќи ги ликовите од песок со кои создава невeројатни и фантастични приказни. Талент што произлегува од нејзините прсти во песочни форми, фасцинантни за секој набљудувач.



Врати се горе ↑