Македонија

16 август, 2018

Прогласени најдобрите на „Езерски бисери 2018“

Македонскиот пијанист Колос Цури и пејачката Кира Гоголадзе од Русија се лауреати и добитници на највисокото признание „Бисер“ на меѓународниот фестивал „Езерски бисери“ за 2018 година што од 7 до 14 август се одржуваше во Струга. Како што соопшти прес-службата на фестивалот, Цури освоил најголем број поени од меѓународното жири во програмата класика, а Гоголадзе во програмата естрада. Тие добија фестивалски статуетки, парична награда и охридски бисери од семејството Филеви.

Наградите во класика ги освоија руските пијанисти Леф Чефанов и Софија Берестјукова и Анастасија Кочева од Македонија.

Лауреати од прв степен во естраден вокал добија учесници во повеќе возрасни групи: триото „Нон-стоп“  и дуетот Дихлина Алена и Белова Олесја (Русија), солистите Антониа Дора Плешко (Хрватска), Артур Борисов (Русија), Горбјак Дијана Степановна (Украина), Миронова Арина (Русија), Татјана Саватиќ (Србија),  Алија Коне, Марија Белјакович и Ана Турова (Русија), Тјаша Јакуп (Словенија), Меиде Шламаите (Литванија), Ангелина Дерјабина и Александра Турова (Русија), Славица Ангелова (Македонија).

Успех на фестивалот постигнаа повеќе македонски учесници меѓу кои и Мартина Митревска, Маја Блажевска, Ени Анжиќ, Марија Јаковлеска, Омар Џафероски. Наградата лауреат ја понесоа и Непо Супер Стајл (спортски танц) од Русија, Жилкибај Нурасил Шингискизи (народен стилизиран танц) и ансамблот Мирас (народен сценски танц) од Казахстан.

Наградите им беа врачени на гала-концерт во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Во рамките на фестивалот „Езерски бисери“ се одржа и избор на европска убавица во соработка со „World Beauty “од Москва. Победничка беше Екатерина Рупасова од Русија, која ќе учествува на светскиот избор на убавина во декември во Москва.



Врати се горе ↑