Македонија slatkaristika-balkanistika

25 февруари, 2016

Проектот „Балканистика“ премина во авторски конфликт

Слаткаристика со сигурност знае да нè изненади сите! Сега тоа го постигна менувајќи го стилот на неговото музичко изразување, претставувајќи се преку балканските традиционални звуци. Новата музичка платформа на нашиот артист Слаткаристика го носи името „Балканистика“, а песните завчера вечер беa претставени преку неговиот фан профил на социјалната мрежа Фејсбук. Првиот дел, како што пишува на поставените песни, од неговиот нов проект „Балканистика“ е неофицијално издание од 7 песни, музички сосема поинакови од до сега добро познатите од Слаткаристика.

На новите песни Слаткаристика работеше изминатите 5 месеци, а покрај него како автори/исполнители на истите се потпишуваат и Александар Рајковиќ, Иван Јованов и други, како и еден од најдобрите музичари на дувачки инструменти кај нас и пошироко, Џамбо Агушев. Музиката е урбано претставување на балканската традиција и звук, со автентични аранжмани, а текстовите се провокативни, сатирични, во стилот на Слаткаристика, пишувани покрај македонски и на англиски, ромски и шпански јазик.

Реакција од Александар Рајковиќ: „Слаткаристика нема право да ја користи и објавува мојата музика“

Откако нашиот портал ја објави веста за новиот албум на Слаткаристика, до нашата редакција пристигна реакција од застапникот на авторските права на Рајковиќ МКН ИНФО МЕДИА, застапувано од Анита Петровска Рајковиќ, која Ви ја пренесуваме во целост:

„Почитувани, бараме да ја отстраните вашата објава која се однесува на најава на новиот албум на Слаткаристика од следниве причини:

Авторот на музиката Александар Рајковиќ нема дадено права на Марко Маринковиќ да ја користи и објавува неговата музика… објавувањето на неговата музика на Јутјуб каналот е грубо кршење на неговите авторски права за што веќе е покрената и соодветна правна и судска заштита.

Комплетен автор на музиката е Рајковиќ и неговите песни се авторски заштитени, а со артистот Слаткаристика не е постигнат договор за издавање албум поради што и ваквото објавување е обид да му се нанесе материјална и морална штета на Рајковиќ.

Со вашата објава ненамерно и несвесно помагате во кршењето на авторските права на Рајковиќ и нанесувањето на финансиска штета со јавно објавување. Ви посочуваме дека на Јутјуб каналот кој е нов направен само за објава на овие песни, без никаков контакт чиј е каналот, е намерен обид да јавно да се објават и рашират песните за кои Слаткаристика нема право да ги објавува, а притоа да се избегне можна судска одговорност.

Затоа ве молиме  да ја отстраните објавата и да не помагате во вршење на ова воедно и кривично дело за кражба на музиката на Рајковиќ“, пишува во реакцијата.

Бидејќи РадиоМк се залага за поддршка и почитување на авторските права на сите музички творци, новите песни нема да бидат објавени на нашиот портал сè додека не добиеме дозвола од сите засегнати страни.




Врати се горе ↑