Аудио cover

10 август, 2015

Продуцентот Зоран Алексиќ со нов интернационален проект

Zorr Alex е интернационалниот псевдоним на нашиот композитор и продуцент Зоран Алексиќ. Под ова име тој деновиве го промовираше својот најнов проект со наслов „Where You Shine“. Песната е веќе достапна на најголемиот музички сервис Ајтјунс, а за две недели ќе се појави и на најголемите музички платформи за електронска денс музика Битпорт, Џуно и тн. Како издавач се потпишува продукцијата „Скај ај ентертејмент“.

„Многу напорно работам на повеќе проекти истовремено. Покрај обврските за домашната сцена, артистите за кои работам и ангажманите во ’Скај ај ентертејмент’, сепак наоѓам време да испродуцирам нешто свое, како што е последниот сингл (Where You Shine)“, вели Зоран Алексиќ.

Песната е во модерен денс и дабстеп ритам со интересен аранжман. Вокалната изведба е на Александра Јанева, талентираната струмичанка која триумфираше на „Макфест пред неколку години. Интернационалната промоција на песната започнува за две недели, а на истата ќе работат неколку компании за односи со јавноста од Велика Британија како и најголемата радио дистрибуција во светот, „Радио експрес“.

„Позитивните коментари за песната од големите луѓе во индустријата ми значат многу, затоа се надевам на големи остварувања. Се радувам и за големата поддршка од публиката и ветувам уште многу квалитетна музика од мене во иднина“, додава Зоран Алексиќ, кој е автор и продуцент на повеќе од 150 домашни и странски песни.

Покрај учеството и наградите на домашните фестивали и соработката со најголемите домашни изведувачи, најзабележителен успех за него се интернационалните изданија за Рената Кралевска (Rennata), „Time Time“, „Please Stay и други. „Where You Shine” е достапна и на Јутјуб и за истата „Скај ај ентертејмент“ изработи специјален анимиран текстуален видео запис. Како звучи и изгледа сето тоа можете да погледнете во продолжение. Уживајте!

 



Врати се горе ↑