Концерт Statik Selektah 2

17 јуни, 2015

Продуцентот на Еминем гостува во Скопје!

Статик Селекта, гордиот продуцент на хитот „Detroit vs. Everybody” на Еминем, на кој се појавуваат уште Биг Шон, Дени Браун, Трик Трик, Деџ Лоуф и Ројс Да 5’9’’, доаѓа во Скопје!

Секогаш е тешко да се најави гостување на артист чија кариера ги достигнала светските xип-хоп врвови и топ листи. Неговиот потпис стои на траки кои ги изведуваат артисти од рангот на Еминем, Нeс, Џон Леџенд, „Џи-јунит“, Екшн Бронсон... Воедно, Селекта е главен диџеј на турнејата на новата, светска хип хоп фигура Џои Бедес (Joey Bada$$), како и водител на емисија на „Shade 45“, радио станицата чиј сопственик е Еминем. Во организација на „SureShotz Entertainment“, овој човек повторно го стави Скопје на светската хип-хоп карта, како дел од неговата турнеја „Lucky 7“.

 

„Скопје се подготвува за хип-хоп настапот на годината? Тоа ми се допаѓа. Ќе биде жешко!”, вели Статик Селекта, моментно најактуелниот хип-хоп диџеј и продуцент во светот. Музичкиот пат му започнува под влијание на диџеј Премиер (Dj Premier) и диџеј Фанкмастер Флекс (Dj Funkmaster Flex). Во 2006 година ја основа сопствената продуцентска куќа „Showoff“, чиј прв објавен сингл е „Out the Gate” на „Терманолоџи“ (Termanology). Своето прво LP – Spell My Name Right“ го промовира во 2007 година, а второто насловено како „Stick 2 the Script само две години подоцна. Во моментов е на турнеја на која го промовира последното од него, „Lucky 7”, а Скопје ќе биде едно од среќните места каде Селекта, екслузивно, ќе ги врти неговите плочи.

Тричасовниот диџеј сет на годината, како што веќе го нарекоа љубителите на хип-хоп културата, е закажан за недела (21 јуни). Место – клуб „Централ парк“ (Central Park). Картите по цена од 150 денари, ќе можат да се купат на билетарницата на клубот пред почетокот на настанот, кој е закажан за точно на полноќ. Скопскиот терен во клубот „Централ парк“ за Статик ќе го подготви диџеј Шорти Пи ака Панчо (Shorty P aka Pancho) со свој сет за загревање.



Врати се горе ↑