Свет m jackson

28 октомври, 2012

Продадена куќата на Мајкл Џексон

Богатиот банкар Стивен Мејер е новиот сопственик на куќата на починатиот крал на поп музиката Мајкл Џексон. Вилата со површина од околу 1.600 метри квадратни беше ставена на продажба во март за цена од 23,9 милиони долари. Според информацијата на изворите на TMZ, куповната цена е многу пониска и се движи од 17 до 20 милиони долари. Во моментов документите за сопственост на имотот се кај трети лица и трансакцијата ќе стапи на сила по исполнувањето на одредени услови од двете страни. Меѓутоа папараците успеале да дознаат дека купувачот веќе се вселил во куќата неколку седмици пред официјално имотот да стане негова сопственост. Се смета дека тоа е направено со согласност на странките, во спротивно тоа може да доведе до правни ризици, пишува порталот.

Имот на кој почина славниот пејач, се наоѓа на адресата 100 North Carolwood Drive, во една од најреспектираните места во Лос Анџелес, на Холомби хилс кој заедно со Беверли хилс и Бел-ер, го формираат тн. „платинест триаголник”. Вилата е изградена во 2002 година, а покрај главната зграда на територијата од имотот има базен и куќа за гости.

Во текот на животот Мајк Џексон ја изнајмуваше по цена од 100 илјади долари месечно. Тој се пресели на имотот откако поради финансиски причини мораше да го продаде својот познат „Неверленд ранч” во 2008 година, кој го сметаше за негов единствен вистински дом.

На крајот од декември 2011 година, американската аукциска куќа „Julien’s“ организираше наддавање на мебелот, предмети за домаќинството и декоративни предмети од последниот дом на Мајкл Џексон, на кој беа собрани милион долари. Според TMZ, во моментов во вилата нема ниедно парче мебел коешто е поврзано со Мајкл Џексон.

Поп иконата Мајкл Џексон почина на 25-ти јуни 2009 година, на 51-годишна возраст, откако според наодите на истрагата неговиот личен лекар Конрад Мареј на музичарот му дал преголема доза од аналгетикот пропофол, кој во комбинација со други лекови, вклучувајќи и седативи, ја предизвикал смртта на ѕвездата. Мареј, кој ја негира својата вина, беше осуден од страна на поротата на четири години затвор.



Врати се горе ↑