Балкан prljavo kazaliste

3 декември, 2012

Прљаво Казалиште со голема турнеја

Хрватскиот бенд Прљаво Казалиште, после пауза од повеќе од 20 години ќе настапи во белградската Комбанк Арена на 22-ри декември. Основачот и лидер на беднот, Јасенко Хоура изјавил дека обврска на членовите на бендот е да им го дадат на публиката најдоброто од нив, свирејќи каде било во светот, па така и на просторите на поранешна Југославија.

На прашањето зошто не гостуваа во српската престолнина повеќе од 20 години, Хоура одговорил дека за организација на концерт се потребни вистински партнери кои можат да го овозможат тоа. „Казалиште не е мал погон, а на турнеја се тргнува секоа четири години, па ако тогаш не се договорат концерти, се чека на следниот циклус“ објаснил Јасенко, лидер и гитарист на бендот кој е основан во 1977 година, а голема популарност стекна во 1980 година со вториот албум „Црно бијели свијет“ насловен по истоимената песна, која е една од оние по кои се памети овој бенд.

Од таа плоча се издвоија и хитовите „Ми плешемо“, „Неки моји пријатељи“, „Нове ципеле“, како и обработката на песната „Седамнаест ти је година тек“. Добро помина и следниот ЛП „Херој улице“, на кој Хоура ја презеде улогата на пејач, на местото на Даворин Боговиќ кој на кратко се повлече од бендот. Покрај насловната песна, од таа плоча се паметат и „Широке улице“, „Девојке би“ и „Све градске битанге“.

Прљаво Казалиште во текот на долгогодишната кариера има објавено 14 студиски албуми, а меѓу нив се и „Златне године“, „Зауставите земљу“, „Деведесета“, а актуелниот албум кој беше промовиран неодамна – „Можда догодине“. Во однос на песните кои ќе ги изведуваат на концертите, Хоура објаснил дека изборот им го препуштиле на фановите на социјалната мрежа Фејсбук: „Ние едноставно им препуштивме на нашите членови на Фејсбук, кои ги има околу 170 000, да направат листа на песни кои би сакале да ги чујат на концертите, така што листата нема да се менува или ќе се измени незабележливо, бидејќи концептот на целиот концерт е во времетраење од 2 часа и можни се многу мали измени во репертоарот“ – додал тој.

„Бендот веќе ја започна турнејата, па важни промени на оваа турнеја нема да има. Како и на концертите кои веќе се одржани во Германија и Швајцарија, таква ќе биде програмата и во Белград и во сите други градови кадешто ќе настапуваме“ – објаснил Хоура, кој исто така најави дека во план е да се завршат повеќе од 20 песни во февруари, а кога точно ќе бидат објавени, сè уште не се знае. Турнејата ќе трае до крајот на 2013 година, па можеби ќе ги видиме и во Македонија.

Во однос на состојбата на музичката сцена во регионот, тој рекол дека му се чини дека целата дискографија во светот е доста конфузна: „Во овој момент изгледа дека неколку бендови добро профилираат, што се однесува на сцената, мислам дека ќе биде интересен состав Радио Луксенбург, кој ќе гостува на концерот во Белград, а наскоро го завршуваат и нивниот втор албум“ – рекол Хоура.

 Во продолжение да се потсетиме на еден од најголемите хитови на бендот „Црно бијели свијет“.

Извор: kurir-info.rs



Врати се горе ↑