Настани Photo By Biljana Gaurina 2013

19 јуни, 2014

„Прљаво казалиште“ на 48. „Гитаријада“ во Заечаер

На импресивната листа од регионални ѕвезди, чии настапи се веќе најавени, се придружуваат и легендарните „Прљаво казалиште“! Гитаријадата годинава по 48. пат ќе се одржи од 30 јули до 2 август. По повеќе од четвртина век, првиот концерт кој познатиот хрватски бенд го одржа во Србија беше во 2012 година во белградската Комбанк арена, во рамките на турнејата по повод албумот „Можда догодине“. Преполната Арена беше доказ дека публиката во Србија ја сака екипата од Загреб, а овој пат сите кои ќе дојдат на 48. Гитаријада, ќе имаат привилегија да присуствуваат на спектакл и тоа со бесплатен влез. Заечарска Краљевица ќе ечи со незаборавните хитови од четиридецениската кариера на „Прљаво казалиште“, група која не живее на стара слава, туку создава нови хитови со секој нов албум.

Програмата на овогодишната Гитаријада ќе се одвива на пет сцени, во периодот од 30 јули до 2 август, со традиционално богата придружна програма и голем мото собир. Покрај Казалиште, во градот на Тимок ќе настапат и „Партибрејкерс“, „Кербер“, „Ван Гог“, „Гоблини“, „ЈУ група“, „Атомско склониште“, „Перо дефформеро“, „Вива Вокс“, Влада Дивљан, „Џа или бу“ и „Дибидус“. Во следните неколку дена ќе бидат познати уште неколку имиња кои ќе бидат додадени на оваа листа.

Гитаријадата подготвува уште многу други претфестивалски изненадувања, а подетални информации ќе бидат дополнително објавени. Само за потсетување, во натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе настапат четиринаесет бендови од сите поранешни југословенски републики, меѓу кои единствениот македонски бенд – кавадарчаните „Смоук шејкерс“ (Smoke Shakers).

Насловна фотографија: Билјана Гаурина

www.gitarijada.org

www.facebook.com/Gitarijada



Врати се горе ↑